„Бев во два живописни града во Романија, патував 8 часа со автобус од Скопје – цените беа исти како кај нас“
„Прошетките по живописните улички на Темишвар и Сибиу, скромната невеста што позираше во локално кафуле, шарените градби со ‘очи на покривите’, како од приказните, ми оставија силни впечатоци... И затоа, Романија како дестинација? Дефинитивно да!“
Романија како дестинација ја избрав вторпат во животот и не се покајав.
Првиот пат го посетив грандиозниот Букурешт со градби кои ве занемуваат, замокот Пелеш, кој богатства крие, и магичното гратче Брашов, градено во германски стил.
Овој пат го посетив градот Темишвар, замокот Корвин и градот Сибиу и, искрено, бев воодушевена.
Романија дефинитивно е потценета туристичка дестинација. Нуди многу, а ќе пиете кафе и ќе уживате во вкусен оброк на најубавите плоштади и најатрактивни ќошиња во овие магични гратчиња за цени речиси исти како „новите скопски“ цени.
Со автобус тргнавме од Скопје пред полноќ, а рано наутро веќе бевме таму. Се патува преку Србија, патот не е воопшто напорен и за околу 8 часа, со две попатни паузи, веќе сте таму.
Нè дочека дожд во Темишвар, но зарем „искусен патник“ може да го онерасположи лошо време?
Мене, искрено, токму дождот ми даде една моќна готска нота на градот и го доживеав уште посилно.
Почнавме со разглед на грандиозната катедрала, па 3-те плоштади на градот, па пловење по река за да видиме како локалците можат и со ваков тип на воден превоз да си стигнат на работа/училиште и да истражиме и некое од соседствата, на страна од центарот на градот.
Имавме водич од Србија, чија заразна љубов кон градот кој го избрала за свој дом, лесно се пренесе и врз нас.
Таа ни раскажа колку многу Срби живеат тука и како често може да се случи Романците од Темишвар да знаат да ви одговорат на српски јазик. Имаат и своја црква и што уште не.
Гратчето е преполно со историја, но во тоа нема да навлегувам, ќе си прочитате на Гугл.
Темишвар е релативно мал град, совршен за движење пешки и град во кој секогаш има некаков настан.
Ние конкретно начекавме фестивал на улична храна „Food Truck Festival Timișoara 2024“, а доживувањето на градот преку некое случување е најубавиот начин за доловување на духот на тој град, зарем не?