Бев на одмор во Грција во средината на септември - Зошто ми се допадна летувањето на крајот од сезоната?
Единствената лоша страна на летувањето вон сезона, на крајот на септември, е тоа што денот трае навистина кратко. Но, затоа предности има еден куп. Како си поминав на летувањето во Неос Мармарас и зошто отсега секоја година би летувала толку доцна?
Последниве години со пријателите одиме на летување двапати годишно. Првиот пат тоа е околу средината на јуни, кога водата на морето е веќе доволно топла за пливање, а вториот пат е кон крајот на август или најдоцна во првата недела од септември.
Но, поради обврски, годинава вториот одмор го резервиравме за средината на септември, кога, летната сезона е (скоро) завршена.
Иако првпат летувам толку доцна, мора да признам дека бев многу позитивно изненадена. Дури и мислам дека ми се допадна повеќе отколку летувањето среде сезона.
Уште додека лежев на плажа и се „печев“ на септемвриското сонце, сфатив дека летувањето во овој период си има неколку предности, па најверојатно ќе ми стане редовна практика во иднина.
Но, да почнам од почеток...
Кога со пријателите сфативме дека поради обврски нема да може да се организираме за одмор на крајот на август, па ни на почетокот на септември, бевме разочарани.
„Изгледа остануваме на јунската посета на Италија. Нема втор одмор за нас?“ искоментирав во еден момент.
Само, кога нешто треба да се случи, работите сами ќе се наместат. Беше почеток на септември кога сите се ослободивме од обврските, па решивме да отидеме на некој продолжен викенд во Грција, додека е уште убаво времето.
„А, има ли логика да одиме на 3 дена, ако сме веќе сите на одмор во тоа време? Ајде да видиме како се движат цените на прв или втор крак, не мора да одиме далеку. И наместо 3 дена, да резервираме нешто за 6-7“, рече мојата другарка Мина.
Вториот крак на Халкидики ни се виде како најдобра опција.
Првата идеја ни беше да побараме сместување во некој од познатите кампови во Ситонија, но, таму беше сè резервирано буквално до крајот на септември.
Бидејќи неколкупати сме биле во Сарти, знаевме дека рано ќе се стемнува.
Па, на крајот изборот падна на Неос Мармарас - гратче каде што денот трае подолго и има преубаво зајдисонце (за совршени Инстаграм фотки, нели?), а ни го препорачаа и луѓе кои летувале таму и кои беа презадоволни.
Хотелот во кој бевме сместени, се наоѓаше на помалку од 100m од плажата Paradisos.
Ова значеше дека не мора да се чекаме наутро за заедно да одиме на плажа, туку, кој како ќе станеше, „претрчуваше“ до плажа, ќе се посончаше, ќе пливаше и ќе си дојдеше на време за појадок.
Иако нашата мала плажичка беше преубава (и на само 30 секунди пешачење), а идејата ни беше цел одмор само да се излежуваме и да не одиме со кола на некоја подалечна плажа, после првиот ден сфативме дека не нè држи место.
Првата дестинација ни беше плажа Tristinika, во близина на Торони, оддалечена на околу 20km од нас.
Оваа песочна плажа има одличен бич бар со чадори (кои беа бесплатни), а водата е проѕирна и во ова време од годината претопла.
Иако цел ден бевме на плажа, воопшто не беше жешко и неиздржливо.