Мартин од Скопје 10 години живее во САД: „Менхетн не ми се допаѓа, администрацијата тука е иста како секаде - бавна“
- Детали
- недела, 06 април 2025
„Огромна улога за моето селење имаше и фактот што моите родители веќе беа мигрирани во САД. И дедото на мојот татко во 1918-19 дошол во Њујорк на печалба со брод“ - вели за CRNOBELO.com Мартин Конески, кој пред една деценија се пресели во САД, а денес таму гради успешна кариера.
Скопјанецот Мартин Конески (40) веќе десет години живее во Америка. Во овој период сменил три држави и неколку работни места, а моментално работи како тим лидер за поддршка на клиенти и е-трговија во Whole Foods Market.
„Тоа е ланец на маркети за органски и природни производи, ориентирани строго на производи без вештачки супстанци. Оваа фирма е горда на фактот што е единствената во светот која има забрането повеќе од 300 состојки кои, за жал, се дел од многу производи достапни за потрошувачите.
Јас сум стациониран во продавницата во градот Џерси Сити и го водам одделот за поддршка на потрошувачите и е-трговија. Мојот тим се состои од 60 вработени и ги вклучува касиерите и вработените кои опслужуваат онлајн пазарење.
Пред да се преселам во САД, живеев во Скопје каде што дипломирав на Правниот факултет на одделот за новинарство и комуникации. По дипломирањето работев на неколку различни места на различни позиции, но донесов одлука да мигрирам во друга земја“ - вели Мартин.
Со него разговаравме за САД, дружбите со Македонците, кариерата и позитивните, но и негативни аспекти од животот таму.
Прочитајте што ни раскажа во интервјуто за CRNOBELO.com:
Како избра токму Америка да ти биде место за живеење? Кога се пресели таму и каде живееш во моментов?
САД не беше случаен избор за мене, затоа што ми беше делумно позната културата, начинот на живеење и работење.
Во моите студентски денови бев дел од студентската програма Work and Travel и поминав неколку месеци во Флорида, работејќи во еден од парковите на Disney World.
Кога дојде моментот да размислувам за мигрирање, тоа ми беше единствената опција која ја почувствував како најблиска до она што сум јас и што сакам во животот.
Тука нормално, огромна улога имаше и фактот што моите родители веќе беа мигрирани во САД, а јас имав социјален број за да можам да работам и полесно да добијам документи за легален престој.
Се преселив на 30-годишна возраст и оваа година во април правам точно една деценија од моето доселување тука.
За овие 10 години имам живеено во три различни сојузни држави, Њу Џерси, Масачусец и Њујорк.
Во моментов живеам во преубавото гратче на познатиот пејач Френк Синатра, Хобокен во сојузната држава Њу Џерси.
Интересен факт за мене и ова гратче е моментот кога првпат дојдов тука во 2012 година на едно од патувањата да ги посетам моите родители - тоа беше љубов на прв поглед.
И веднаш помислив дека еден ден јас морам да живеам тука. И еве ме - законот на привлечност работеше во моја полза.
Што ти се допадна на прва, а што ти беше најголемото разочарување?
Првите неколку работи што ми се допаднаа е економската моќ на оваа држава и сите можности што им се обезбедени и дадени на луѓето.
Особено би ги издвоил различните курсеви што овозможуваат надградба на знаењето, што овозможува во кое било време да се преквалификуваш и да промениш професија ако не си задоволен од дотогашната.
Најголемо разочарување? Не би го нарекол разочарување, но дефинитивно ми беше многу тешко немањето социјален живот.
Луѓето се многу затворени, а и со темпото на живеење тука ми стана јасно зошто е тоа така.
Колку долго траеше прилагодувањето на новиот живот?
И после 10 години се прилагодувам. Како емигрант, мислам дека тоа чувство никогаш нема да ме напушти.
Дефинитивно културните разлики се огромни, и како дојденец јас сум тој што треба да се прилагоди.
Од хумор, од начин како се изразувам и обраќам кон други луѓе, сфаќањата за општеството и генерално за сите работи - буквално јас се променив како личност.
Имав еден период од мојот живот тука, се чувствував толку многу осамено и изгубено, како да не припаѓам ниту во САД ниту во Македонија.
Лесно ми беше да се прилагодам на техничките работи и на правилата и прописите, но многу ми беше тешко да се прилагодам на културата, особено во мултикултурно општество составено од култури и цивилизации од 6 различни континенти, каде сите си ги носат со себе нивните корени.
Најде ли лесно работа?
Јас не најдов лесно работа на почетокот, но само затоа што не го избрав патот на типичен македонски емигрант да почнам да работам градежништво или во транспортната индустрија.
Но не се откажав и не отстапив од она што го имав замислено.
Како реагираше твоето семејство кога донесе одлука за преселба?
Тргнувајќи од фактот дека тие веќе беа преселени, беа многу среќни што донесов таква одлука и дека конечно ќе бидеме повторно блиску еден до друг.
Од друга страна, моето пошироко семејство и пријатели, беа тажни да ме видат како си заминувам затоа што нема повеќе нештата да бидат исти.
Јас отсекогаш бев „лепакот” што ги соединување сите, и кај пријателите и во семејството.
Мојата баба беше најпогодена и многу тешко ја прими веста. Навистина не очекуваше да заминам, иако моите веќе беа отселени.
Стекна ли брзо нови пријатели? Какви се локалците кога станува збор за пријателствата?
Пријателствата тука се многу поразлични од Македонија. Јас се преселив на возраст на која ми беше многу тешко да создадам пријателства.
Кога почнуваш на работа, на училиште или каде и да одиш, запознаваш луѓе и создаваш, ајде ќе ги наречам пријателски конекции, а не пријателства како што ги знаеме ние во Македонија.
Каква е климата во тој регион? Страшни ли се зимите?
Интересно прашање. Зимите не се страшни, за мене страшни се летата. Зимите се исти како во Македонија, само со многу почист воздух, барем тука каде што живеам зашто има струење на воздухот од океанот и градов не е во котлина.
Дури и да падне снег, тука метеоролошките центри се многу развиени и имаат 100% прецизност, така што кога ќе најават невреме, службите се подготвени и одма реагираат.
Летата од друга страна, за мене навистина се премногу. Воздухот е превлажен и константно се потиш дури и без никаква физичка активност.
Секогаш велам дека во Македонија кога е жешко, ако застанеш под сенка, ќе почувствуваш разлика.
Тука ништо не помага освен да си некаде под клима. Испарувањето од океанот е големо, и понекогаш дури и тешко се дише.
Исто така, во летата е голема опасноста од урагани. Од почеток на летото до доцна есен е активна сезоната на циклони кои се појавуваат во Атлантскиот Океан.
Што од начинот на живот најмногу ти се допаѓа таму, а што најмалку?
Најмногу ми се допаѓа тоа што ако си чесен и вреден, можеш да напредуваш и да изградиш убав и комфорен живот.
Јас лично сум среќен што имам работа која навистина ја сакам и ми овозможува баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот.
Исто така ми се допаѓа што имам двојно државјанство, а кое ми овозможува да патувам буквално секаде.
Верувајте ми дека има места во светот каде што можам да патувам со македонскиот, а не со пасошот од САД.
Дефинитивно има многу работи кои ми се чудни и што лично не ми се допаѓаат. Островот Менхетн е едно од нештата што не ми се допаѓаат.
Знам дека многумина ќе бидат изненадени, ама премногу е валкан и премногу има гужва. Плус њујорчани се премногу груби и нељубезни. Живеев таму и со душа го чекав моментот да се иселам.
Колку е различна Америка за доживување како турист и како граѓанин?
Премногу. Како жител се соочуваш со суштинските работи како институции и закони.
Како турист сè е убаво, сè е розoво, шетаме, се сликаме и сите ни изгледаат супер и се фини со нас само затоа што сме туристи.
Да живееш тука е многу различно, а мислам дека и во секоја држава е истото.
Една од работите што ја научив во животот е колку претеруваме со идеализирање на работи што не ни се познати или не сме ги искусиле.
Пред да се доселам тука, бев еден од луѓето што го критикуваа животот во Македонија, а го возвишував животот во САД.
Но кога ги искусив двете нешта и можам да ги споредам, сфатив колку имаме „златни“ работи во Македонија и дека треба да бидеме благодарни што ги имаме и да ги негуваме.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





