Нина (25) од Скопје за животот во Унгарија: „Дојдов сама на 18 години, но би се вратила да живеам во Македонија“
- Детали
- четврток, 03 октомври 2024
„На прашањето „Дали би се вратила ли да живеам во Македонија некогаш?“ искрено ќе кажам, би се вратила да живеам во Македонија. Верувам дека таму постои голем потенцијал за создавање убав живот, успешен бизнис и стабилно семејство“, вели Нина Каранфиловска (25), која живее во унгарското гратче Шалготарјан.
Нина Каранфиловска (25), магистер по економија, маркетинг експерт и од неодамна контент креатор, родена е во Скопје, а на 18 години се преселила сама во магичната Будимпешта.
Тој период ѝ отворил многу можности, но минатата година направила неочекуван пресврт и се преселила во Шалготарјан, мало гратче на границата со Словачка.
Денес, со сопругот Валентино живее во ова место кое е спој на балканската топлина и европскиот ред и дисциплина.
Во интервју за CRNOBELO.com го пренесува своето искуство од животот таму:
Зошто токму Унгарија? Од каде оваа идеја и колку години живееш таму?
Се преселив во Унгарија за да студирам, каде што ги завршив додипломските и постдипломските студии.
Сега, ја започнав мојата осма година во Унгарија, заедно со мојот сопруг Валентино, кој е професионален кошаркар тука од својата 16-та година.
Најде ли лесно работа?
Веднаш по завршувањето на факултетот, за само три недели, најдов работа во Будимпешта во секторот на маркетинг за луксузни недвижности.
Дали беше тешко? И да, и не.
Будимпешта е град полн со можности, но истовремено бара многу упорност. Аплицирав секојдневно на многу места и на крај успеав да пронајдам нешто по мој вкус.
Во помалите градови, како оној каде што сега живеам, опциите за странци се поретки, но денес има многу „remote“ можности на глобално ниво кои вреди да се истражат.
Како реагираа вашите семејства (твоето и на сопругот) кога донесовте одлука за преселба таму?
Иако нашите семејства ни даваат целосна поддршка, мене секој ден ми станува сè потешко да бидам далеку од нив.
Со текот на времето, чувството на отсуство се засилува, особено кога гледам како децата во нашите фамилии растат, а моите сакани стареат.
Мислам дека секој кој живее во странство би се согласил со овa.
Ве прифатија ли добро?
Кога зборуваме за интеграција и прифаќање, морам да признаам дека сум се чувствувала добредојдена каде и да одам.
Во местото каде што живееме сега, чувството на заедница и топлината на локалците навистина се чувствува. Секој е подготвен да помогне во кое било време, што создава прекрасна атмосфера на пријателство и поддршка.
Во Будимпешта, секој си живее за себе, како и во секој голем град. Иако и тоа си има своја убавина, сепак, на местото каде што живеам сега имам огромно чувство на сигурност.
Секој се поздравува на улица, се запознаваш со соседите и имаш пријатен разговор со продавачката во локалната продавница. Токму тие мали моменти на блискост ми даваат посебна радост и чувство на припадност.