Нина (25) од Скопје за животот во Унгарија: „Дојдов сама на 18 години, но би се вратила да живеам во Македонија“
Има ли многу Македонци? Се дружите ли?
Иако бројот на Македонци во Унгарија не е голем, успеав да изградам длабоки пријателства со луѓе од целиот Балкан, како и од различни делови на светот, а секако и од Унгарија.
Оваа мешавина на култури ми овозможува да уживам во различностите, што е едно од најголемите богатства на животот во странство.
Интересно е што мојот сопруг Валентино, кој е исто така од Скопје, го запознав преку пријател од Мозамбик, Африка.
Како се снаоѓаш со документите/јазикот?
Како креативец, навистина ми е тешко да се снајдам со документацијата во Унгарија, особено затоа што унгарскиот јазик не ми е на посакуваното ниво.
За среќа, имам помош од мојот сопруг, кој течно зборува унгарски и супер се снаоѓа со административните работи.
Еден совет за сите што се во слична ситуација: не се срамете да побарате помош.
Што од начинот на живот најмногу ти се допаѓа таму?
Овде, секојдневието е брзо и исполнето, но и многу добро организирано. Животот во Унгарија навистина нуди по нешто за секого.
Будимпешта е вистински рај, исполнет со историски знаменитости, богат ноќен живот, шармантни кафулиња, ресторани, скајбарови, прекрасни паркови и импресивни замоци.
Дополнителна предност е што лесно се стигнува до други европски дестинации, како Виена, Братислава, Прага, Кошице, Краков и Варшава, што го прави животот тука уште поинтересен.
Од друга страна, малите градови и природата што ги опкружува нудат мир и хармонија, совршени за оние кои бараат рекреација, планинарење или бегство од урбаната гужва.
Јавниот превоз е исклучително точен и овозможува лесно движење насекаде. Без разлика дали станува збор за возови кон подалечни дестинации или локални автобуси, трамваи и метроа, системот функционира беспрекорно.
Како им функционираат институциите?
Институциите тука функционираат многу добро. Сè има ред и процедура, така што ако ги следиш правилата што ги поставиле, можеш да бидеш сигурен дека сè ќе биде завршено без проблем.
Универзитетите се одлични, нудат програми на англиски и атмосферата е интернационална со студенти од цел свет.
Какво темпо на живот водат локалците?
Темпото на живот во Унгарија е многу активно и динамично.
Унгарците се многу фокусирани на успехот и напредокот, што може да се забележи уште во студентските денови. Повеќето студенти работат додека студираат, а некои од нив и на две работни места истовремено.
Но, покрај оваа посветеност на кариерата, Унгарците се исто така многу слободоумни и секогаш подготвени за дружба. На факултет имавме редовни забави со различни теми, како забави на брод, формални балови и бар тури.
Професорите, исто така, беа многу отворени и неформални. Не беше реткост некој од нив да седне со нас студентите на пијачка или да учествува во организирани активности, како одење на сладолед или заеднички излети.
Висок ли е стандардот на живот, какви се цените во теретаните или салоните за правење нокти?
Цените за услуги како теретани или правење нокти не се драстично повисоки во споредба со Македонија, што е голем плус.
На пример, месечната членарина за теретана во Будимпешта е 30-50 евра, што е малку повисока од Скопје.
Меѓутоа, кога станува збор за кафулиња и ресторани, разликата е позабележлива. Во Будимпешта, едно кафе чини 4-6 евра, а вечера за двајца чини 60-80 евра.