Го посетив замокот Голубац кој е на 5 часа возење од Скопје - Што ме импресионираше кај „скапоцениот камен“ на Србија?
- Детали
- четврток, 10 април 2025
Го нарекуваат „скапоцениот камен“ на Србија, а многу од луѓето во регионот не знаат дека постои, иако се наоѓа на само 10km од манастирот Тумане. Замокот Голубац, кој првпат се спомнува во записи од 1335 година, го посетив додека бев на продолжен викенд во Белград. Малку е да кажам дека ме остави без зборови!
Кога пред 4 години со најдобрата другарка Марина тргнавме на продолжен викенд во Белград, планиравме прво да го посетиме замокот Голубац, до кој се стигнува за околу 5 часа возење од Скопје.
Бидејќи беше лето, температури од околу 40 степени, пријателите нè премислија, велејќи дека во тоа време, поради каменот околу тврдината, ќе нè дочекаат „пеколни горештини“ и нема да го доживееме како што треба.
Желбата за посета на Голубац остана, па кога на крајот на март со истата другарка тргнавме накај Белград, знаевме дека овој пат мора да отидеме таму, по секоја цена.
Времето беше скоро идеално - малку облаци, малку сонце, но и силен ветер, за кој велат дека е неизбежен во тој дел од Србија.
До замокот, кој датира од 14 век (првпат се спомнува во записи од 1335 година) стигнавме со автомобил од Белград за околу 1 час и 40 минути.
Како што се приближувавме кон градот Голубац (кој е близу границата на Србија и Романија) пред нашите очи се распосла Дунав, а на неговиот брег - замокот кој едвај чекавме да го разгледаме.
Велат, на ова место Дунав е најширок, скоро толку колку што е широк на местото каде што се влева во Црното Море.
А околу него планини, селца и градот Голубац, поради што немате чувство дека станува збор за река, туку првиот впечаток ви е дека замокот се наоѓа на брегот на некое езеро или море.
Овој впечаток ми го засили и погледот на брановите, кои ги предизвика ветерот.
Пред влезот на замокот има голем паркинг, каде што можете да го оставите автомобилот.
Во цената за влезницата е вклучено и паркирањето, односно не треба да платите дополнително за паркирање.
А цената на влезниците варира зависно од тоа дали сакате да ја посетите само зелената зона (која е најпристапна и најлесна за искачување, или црната зона, на која можете да одите само во придружба на водич, и тоа откако ќе го најавите вашето присуство неколку дена порано.
Според тежината на искачување на тврдината има уште две зони - сина (средно тешка) и црвена (тешка).
Цената на влезниците за секоја зона е различна. За зелената зона, таа е само 750 динари (околу 400 денари), додека за најтешката црна зона е 1700 динари (или скоро 900 денари).
Уште со првиот чекот во комплексот, ме преплави воодушевување од глетката пред мене - неверојатна градба, стара околу 700 години. Сиви високи кули изградени на брегот на реката, која од која поимпозантна.
Не знам колку фотографии направив - де од еден агол, де од друг. Како се приближувавме, така фасцинацијата стануваше сè поголема.
Сфатив дека имам големи очекувања, најмногу поради фотките што сум ги гледала на интернет, но дека замокот во живо - ги надмина.
Во самиот замок влеговме преку мало мовче (или нешто што во минатото била дрвена врата која се спуштала надолу).
Па иако однадвор изгледа дури и современо, бидејќи е реновиран, внатрешноста е автентична, со огромни ѕидини, карпи, камења изгризани од забот на времето.
За туристите да добијат вистински впечаток за тоа како се живеело во времето на витезите, во дворот на замокот ќе ве дочекаат девојки и момци облечени во облека која потсетува на тоа време, а покрај нив ќе видите и парчиња оружје, но и сокол и був кои само ми го засилија впечатокот дека сум во некое друго време.
Ако имате среќа, замокот можете да го посетите и во време кога се одржуваат „борби на витези“ - претстава за посетителите, или стрелање со лак и дрвена стрела, како пред многу векови.
Во самиот замок има и музеј. А во него - остатоци од оружје, од облеката и наметките на витезите, фрагменти од синџири со кои биле врзувани заробениците, топчиња за топовите, дури и реплика на тоа како изгледале тоалетите.
Во музејот е поставена и восочна фигура на маж, па, од која страна и да го погледнев, имав чувство дека е вистински лик со продорен поглед од кој ме полазаа морници.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:




