Велешанката Стефани го посети Бразил: „Лежалките на Копакабана се бесплатни, во Рио е поевтино отколку кај нас“
- Детали
- недела, 01 септември 2024
„Во Рио резервиравме хостел, кој беше на околу 3 минути пешки од Копакабана и за 12 лица плаќавме околу 4.000 денари од вечер. Цените се преевтини, иако условите не беа многу задоволителни“, вели Стефани за CRNOBELO.com, која преку игроорна беше на фестивал во Пасо Фундо, а потоа и во Рио де Жанеиро.
Стефани Манева (26) од Велес е дипломиран новинар на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Таа веќе три години работи како новинарка во велешки веб портал, но долги години е и игроорка.
Па токму фолклорот, ја одведе во далечниот Бразил, каде што помина 17 дена - прво во Пасо Фундо на фестивал, а потоа и во Рио де Жанеиро, на одмор и туристичка посета на градот.
И иако Бразил го посети во август, таму ја дочекаа и лето и зима - две различни годишни времиња.
Во Рио беше на плажа, а вели, во Пасо Фундо морала да си купи јакна, бидејќи температурата ноќе паѓала и на -1°С.
„Она што посебно ме исполнува е шетањето, истражувањето на нови држави и места како и запознавањето на различни култури, па затоа често слободното време го користам токму за тоа“, вели Стефани.
Таа за CRNOBELO.com раскажа за своето авантуристичко патувањево Бразил, за плажите и надалеку познатите туристички атракции во Рио, но и за неубавата страна на градот:
Неодамна го посети Рио де Жанеиро... Како стигна до таму, ти требаше ли виза, колку време патуваше, каде беше сместена, колку време остана?
Јас сум играорка повеќе од 15 години и можноста да го посетам Бразил, како и Рио де Женеиро, ја добив токму преку фолклорот.
Заедно со игроорното друштво „Тоска“ од Штип го претставувавме македонскиот фолклор на фестивал во Бразил и целата турнеја ни траеше 17 дена.
За патувањето во Бразил не е потребна виза за македонските државјани. Патот е долг и заморен, но по пристигнувањето целосно забораваш на сè што си поминал.
Прво пристигнавме во Софија, од каде што летавме до Истанбул. Таму чекавме 13 часа за трансфер, а потоа летавме со Сао Паоло.
Летот дотаму траеше 14 часа, но колку и да звучи долго, сепак ми помина брзо.
Од авиокомпанијата ми дадоа перница, ќебе, слушалки, како и несесер со чорапи, четка за заби, влечки, превез за спиење и лабело за усни.
Седиштата се удобни и доволно широки, пред секое седиште има екран на кој можеш да следиш до каде е летот, да гледаш филмови, да слушаш музика или да играш игрички.
Во текот на самиот лет добивме две главни јадења и тоа едно по полетувањето, а второто два часа пред слетувањето.
Во останатото време од летот постојано имаше ладни сендвичи, мафини, пијалаци и кафе кои беа во неограничени количини.
Нашето сместување беше покриено од страна на организаторите на фестивалот, кој се одржуваше во градот Пасо Фундо, додека сместувањето во Рио го покривавме ние самите.
Преку Booking резервиравме хостел, кој беше на околу три минути пешки од најпознатата плажа Копакабана, а за 12 лица плаќавме околу 4.000 денари од вечер - што значи дека цените се премногу ефтини, иако условите не беа многу задоволителни.
Нам ни беше битна локацијата и тоа да има поволна цена што ќе одговара на сите, па затоа го избравме тој хостел.
Каков ти беше првиот впечаток за градот? Дали беше сè што очекуваше или беше поубаво (полошо) од тоа што си ги замислуваше?
Морам да признаам дека и по враќањето назад во Македонија сè уште не можам да поверувам дека го посетив Рио де Женеиро.
Градот е голем, со широки коловози и тротоари, обиколен со океан и прекрасна природа.
Дефинитивно доживувањето е различно - од една страна ја доживуваш убавината на градот, а од друга страна, па, и недостатоците.
Бидејќи стигнавме доцна навечер, на автобуската станица прво ги забележавме бездомниците кои престојуваа во шатори околу самата локација. Околу автобуската се ширеше непријатна миризба.
Истото се случува и во Сао Паоло - премногу коли, премногу народ, луѓе кои ти нудат превоз или сместување.
Бидејќи имавме најдено сместување, со такси се упативме кон хостелот. Секое такси има таксиметар, па од аеродромот до хостелот се возевме околу 25 минути.
Бидејќи немаше гужва во сообраќајот, првото такси нè чинеше околу 700 денари или нивни 70 реали.
Но уште од следното утро нè дочека најубавиот дел, а тоа е посетата на сите атракции во градот, како и на најголемата плажа - од сите нив сум воодушевена.
Што сè имаше можност да видиш таму?
Во Рио ги посетивме Escadaria Selaron односно познатите шарени скали и таму пристигнавме рано наутро, околу 7 часот, за да нема многу народ и скалите да бидат празни за подобри фотки.
Но, со тоа пропуштивме да пробаме од нивниот најактуелен пијалак Кајпериња, кој е со водка, лимон и кафеав шеќер, и кој кај овие скали се продава во големи чаши за 100 денари (10 реали).
Омилениот дел од шетањето во Рио дефинитивно ми беше искачувањето до Christ the Redeemer каде што добиваш прекрасна панорама на градот, но и поглед кон најголемата статуа на Исус која е висока 38 метри.
За да стигнеш до таму имаш опција да се качиш со комбе, кола или со воз. Ние избравме да се искачиме со воз, за кој картата чини 970 денари (97 реали).
Искачувањето траеше 20 минути и за време на возењето од едната страна уживаш во погледот на зелената шума, додека од другата страна под тебе е океанот и панорамата на градот.
Потоа стигнуваш до Националниот парк каде има места за сликање, разни продавници со сувенири, облека, бикини како и скали коишто те водат до најубавиот поглед од кој застанува здивот.
Чувството кога ќе се искачиш горе е непроценливо.
Реалноста е дека има премногу народ и ние се качивме горе со првиот воз точно во 8 часот (бидејќи работното време е од 08 до 19 часот) и веќе имаше околу 1.000 луѓе кои беа горе и се фотографираа.
Интересно е што на местата од кои најубаво се гледа статуата, се чека ред, секој околу тебе е со кренати раце или во некоја интересна поза со цел да направи добра фотографија.
Има и многу мајмунчиња кои скокаат од едно на друго место и се вистинска атракција за секој посетител, но мора и да се внимава, бидејќи знаат и да крадат.
Неизбежно беше да ја посетиме и плажата Копакабана каде што уживавме и се сончавме.
Каков е градскиот превоз, дали е добро организиран, имајќи предвид дека Рио е милионски град?
Немам информации за градскиот превоз, иако често гледавме автобуси низ градот, но не се возевме со нив, бидејќи многу полесно ни беше да користиме такси.
За да стигнеме до туристичките атракции плаќавме по 400-450 денари, а бидејќи се возевме по 4 луѓе и го делевме превозот, беше многу евтино.
На пример, од Копакабана до Escadaria Selaron се возевме околу 20 минути и плативме 43 реали или 430 денари, додека до Christ the Redeemer се возевме со такси околу 25 минути и плативме 400 денари.
Такси превозот е преевтин и ако патувате во група се исплати, бидејќи е доста побрзо и полесно за користење.
Пристигнувањето од една до друга локација зависи и од гужвата во сообраќајот, но таму сите возат пребрзо, сообраќајот е хаотичен, од секоја страна се приклучуваат или претркуваат возила, така што секое возење со такси беше „лудо“ ха, ха.
Какво беше чувството да си на една од најпознатите светски плажи?
Копакабана е огромна, а песокот е како да газиш на брашно, премногу мек и ситен.
Водата е ладна, но имаше и големи бранови и црвено знаме, поради што не се препорачуваше пливање.
Секако, има спасители, но тие советуваа доколку влезеш во вода тоа да биде на почетокот, бидејќи се случуваше бран да е толку голем што ќе се прошири до половина плажа.
Она што е многу интересно е што на најпознатата плажа лежалка не се наплаќа, туку ти следува со пијалак, а цените на пијалаците се премногу евтини.
На пример, Кока Кола плативме 60 денари и со тоа можеш слободно да уживаш на лежалка или на столчиња.
Цените на коктелите се движат максимум до 300 денари. Пивото беше околу 100 денари.
Како и на секоја плажа, често доаѓаат луѓе кои нудат бикини, очила за сонце, накит и со нив можеш да се ценкаш, па од првата понудена цена да стигнеш до 4-5 пати пониска цена.
Јадевме клавче пченка кое го мачкаат со путер и чинеше 150 денари.