Велешанката Стефани го посети Бразил: „Лежалките на Копакабана се бесплатни, во Рио е поевтино отколку кај нас“
А вистина ли е дека сите Бразилки се презгодни, со извајани тела, а мажите навежбани, или реалноста е поразлична од она што мислиме?
На плажите можеа да се забележат и убави и згодни жени, но посебно убаво е што кај нив секоја жена е „мамасита“ без разлика на нејзиниот изглед, висина, тежина.
Секако дека имаше и „стегнати“ мажи, но не е толку често колку што замислуваме, барем во моментот кога бевме ние таму. Други можеби имаат поинакво искуство.
Интересно е и тоа што доцна во ноќта на плажата можеа да се забележат групи од по десетина луѓе кои беа собрани, пуштаа музика и се дружеа.
Каква е локалната храна? Јадеше ли нешто што не е вообичаено за кај нас (и дали ти се допадна)?
Храната им е слична како кај нас, но позачинета. Тие многу често јадат мисиркино месо, а вообичаено леб се јаде само за појадок.
За ручек и вечера се консумираат палента или макарони, а леб јадат само ако има супа за вечера.
Тоа нам Македонците ни беше „проблем“ бидејќи ние сме навикнати да јадеме леб.
Во Рио и не пробавме некоја многу поразлична храна, но во првиот град кајшто бевме сместени, Пасо Фундо, пробавме нивно традиционално благо кое е слично на нашата алва, но е помеко и повеќе со вкус на кикиритки, а се вика Pacoquita.
Го пробавме и нивниот традиционален чај Chimarrao кој има вкус на зелен чај, но многу појак.
Овој пијалак буквално го пијат постојано и се служи во интересна дрвена чаша поделена на два дела - во едната половина се става од чајот, во другата половина се додава премногу жешка вода и се пие со посебно цевче.
А локалците - дали се пријателски расположени за странците или се воздржани?
Сите со коишто имавме можност да комуницираме беа исклучително фини.
Она што е најголем проблем е дефинитивно јазикот, бидејќи англиски не зборува никој.
Ние, освен водичите што ги имавме за време на фестивалот, не запознавме друг што зборува на англиски.
Зборуваат португалски, шпански и моравме да се разбираме само со Google translate. Истото се случува и по хотелите, хостелите дури и на некои туристички места.
Според тоа што дознавме од водичите, само 5% од луѓето во Бразил знаат англиски.
Цел тој проблем се надминува лесно, бидејќи те пречекуваат насмеани и се трудат на секој начин да воспостават комуникација.
Таму купивме и картички за интернет - тие чинат 100 денари, а потоа се става кредит (ние ставивме 250 денари) и имавме интернет во текот на целиот престој во Бразил.
Беше ли на некоја од нивните надалеку прочуени забави со самба, костуми, коктели од рум и кокос?
За жал, не бевме на класична бразилска забава во Рио, но за време на фестивалот во Пасо Фундо имавме често забави со нивна музика, па сите игравме заедно, а тие се трудеа да нè научат самба.
Бразил е познат и по бедата и криминалот... Имаше ли можеби некоја непријатна ситуација додека беше таму?
Да, за ова нè спремаа уште пред да тргнеме во Бразил. Па дури и кога пристигнавме често ни напоменуваа дека е небезбедно.
Ние, за среќа, немавме никакво негативно искуство. Како и во секој голем град, нормално е да си ги пазиш личните работи.
Таа небезбедност посебно се чувствуваше на автобуските станици, каде што имаше многу бездомници.
Од друга страна, во Пасо Фундо беше премногу мирно, и иако е голем град, таму нема никакви проблеми и можеш слободно да се движиш низ градот и во доцните часови.
Пред тргнувањето за Рио и самите организатори на фестивалот ни напоменуваа да бидеме претпазливи на автобуските, да не држиме мобилни телефони во рака, паричниците и парите да ги ставиме на сигурно место и да пазиме кој сè се движи околу нас.
И на местата кои се туристички атракции има премногу народ и треба да си доста внимателен.
Но пак ќе напоменам - како и во секој голем град треба да бидеш претпазлив.
Освен Рио, посети ли и други места?
Да, ние првите денови ги поминавме на 1.424km од Рио, поточно во градот Пасо Фундо.
Таму бевме дел од фолклорен фестивал кој се организира на секои две години и на кој учествуваа групи од уште 13 држави.
Интересно за Пасо Фундо е што во моментов таму е зима - нив летниот период им почнува од ноември до март, а во август е буквално најсилната зима.
Па, првата недела од нашиот престој температурите навечер знаеја да се симнат и до -1 степен.
Тоа беше вистински шок за нас, бидејќи ние очекувавме есенски температури и бевме „принудени“ да си купиме јакни, кои сега ги имаме како спомен од Бразил.
Ова ни беше забавно, бидејќи Бразил го замислуваме како топла дестинација, бикини, коктели и самба, но ете, постои и таков дел каде што е зима и сите се со ракавици, шалови, капи и не излегуваат многу од дома во текот на денот.
Инаку, Пасо Фундо е голем град во кој нема некои интересни историски места за посета, но има безброј продавници, големи кинески дуќани и молови во кои цените се како кај нас.
Инаку во Бразил цените се скоро слични како нашите, а нивната просечна плата (во Пасо Фундо) е 32.000 денари.
Маркетите им се и со поевтини цени од нашите, пиво може да се најде од 50 до 70 денари, сок по 20 денари, нивни грицки и благца се до максимум 100 денари. Во еден ресторан плативме пица околу 400 денари.
Дали би го препорачала како дестинација на пријателите?
Секое ново место што можеш да го посетиш и да запознаеш нов народ и култура, сметам дека е добредојдено.
Секако дека би го препорачала Рио. Дефинитивно се издвојува од другите места и со причина е една од топ дестинациите во светот што треба да се посетат.