Стефан Савевски за патувањето во Јордан: „Ја посетив Петра 4 пати, за Македонците треба виза, а локалците се многу гостопримливи“
- Детали
- понеделник, 27 ноември 2023
„Невозможно е да пропаднеш во водата на Мртвото Море дури и да вложиш напор, само те превртува и прпелка на површината. Неверојатно искуство, можеш да читаш книга додека си лежиш во водата, баш како на фотографиите од интернет“, раскажува Стефан Савевски од Скопје за патувањето во Јордан.
Стефан Савевски од Скопје по многугодишна работа во корпоративниот свет се препушта на еден поразличен начин на живот.
Од „Иша“, центарот за јога на познатиот Садгуру во Индија, па сè до Малдиви, Мексико, Занзибар, Сингапур, Јордан… Секоја нова земја за него претставува ново животно искуство, но и пат до спознавање на својата внатрешност.
Во продолжение следува разговор со Стефан Савевски кој раскажува за скриената убавина на Јордан и ја доближува оваа земја до читателите на CRNOBELO.com…
Стефан, во последните година-две постојано се наоѓаш на различни страни од светот. Малдиви, Мексико, Индија, Занзибар, Малезија, Сингапур, Кападокија, Кипар и еве сега Јордан. По овие егзотични дестинации, како те пречека Јордан?
Луѓето секогаш ме прашуваат – кое е најубавото место да се посети? Јас им велам – својата внатрешност. Јордан никогаш не ми беше на списокот на места кои сакам да ги посетам, но по некоја случајност се најдов и тука. Многу е интересно и возбудливо кога можеш да се препуштиш на животот да те носи, без исклучок и без грешка секогаш се наоѓаш себеси на местото каде треба да си и со кого треба да си, баш во тој момент.
Првото нешто што го дознав за земјата пред да патувам беше дека местото на крштевање на Исус е на територијата на Јордан, дека тука чекорел Мојсеј и тука се наоѓа планината Небо од која тој за последен пат ја видел ветената земја. Овде се и Мртво Море, Црвено Море, пустината со долината Вади Рум, Џераш кој се смета за Помпеј на Блискиот Исток и едно од светските чуда, градот Петра.
Јордан брои околу 12 милиони луѓе на површина од 90.000 квадратни километри, од кои само 0.6% се вода.
Можеби не можам да одберам најубаво место, но ако треба да ги рангирам според гостопримливоста, тогаш Јордан е на високо прво место. Уште од самиот момент на слетување, па целото патување долж и попреку Јордан, во ниту еден момент не се чувствував дека нешто ми недостига или, пак, дека сум на друг континент во предел кој воопшто не го познавам. Секогаш секој е спремен да ти помогне, да те насочи, да ти покаже нешто ново со голема љубов и грижа како да си му прв братучед дојден од странство на посета, да те угости со чај и со благо и да те праша за твојот дом и семејство.
Им треба ли виза на Македонците за посета на Јордан? Каква е процедурата?
На луѓето со македонско државјанство им е потребна виза за престој во Јордан која се вади на самиот аеродром штом слетате и чини околу 50 евра, или 40 јордански динари.
Ако патувате со агенција, локалниот партнер ќе го направи тоа за вас и ќе поминете без никаков застој.
На сите ни е познато дека Јордан е мала земја богата со античка историја, култура, бројни места заштитени од УНЕСКО, а посебно е препознатлива по гостопримството на локалците. Што сè ти откри главниот град на Јордан, Аман?
Аман е првото место кое го посетив во Јордан и се воодушевив од грандиозноста на самиот град, модерните згради, улици, патишта, униформноста на надворешниот изглед на фасадите, оградите и сите градби.
Подоцна дознав дека градот е поделен на кругови или „прстени“ во кои важат различни правила. На пример, во првиот круг мора да имате заѕидана ограда со одредена висина и фасада во боја што наликува на песокот од пустината. Во вториот круг не мора да ја имате оградата, но бојата и материјалот на фасадата мора да бидат тие…
Како се оди кон надворешните кругови има сè помалку правила за изгледот на куќите и зградите. Аман има околу 4.5 милиони жители кои се околу 40% од населението во Јордан, густонаселен град, но одлично уреден.
Аман исто така е и многу познат по квалитетот на образованието кое се нуди на универзитетите со најмодерни истражувачки центри и лаборатории.
Она што посебно ги фасцинира луѓето за Аман е контрастот помеѓу древното и модерното. Како е испреплетена историјата со она што носи 21 век?
Еден од најстарите градови во светот кај што се пронајдени и најстарите статуи кои датираат околу 7.500 години пред новата ера. Велат дека овој град е постојано населен во изминатите 9 милениуми, а во текот на историјата имал неколку имиња: Филаделфија, Рабат-Аман и Аман во зависност од тоа кој владеел со градот.
Денес, старите остатоци од градот се вешто вметнати во новиот и модерен Аман, па може додека сме на прошетка во модерниот Аман, одеднаш да влеземе во амфитеатар кој е стар повеќе од 2-3.000 години, па уште и доуреден со музеи кои го претставуваат животот од тоа време.
Секако, една од главните економски гранки на Јордан е туризмот, па вложуваат доста во зачувување на овие наследства за да може уште многу генерации да ги видат, а и да го осигурат и зголемат бројот на туристи.
Кога ќе се спомене Јордан прво што на луѓето им паѓа на памет е изгубениот град Петра – едно од седумте светски чуда. Раскажи ни за воздишките што ги доживеа и убавината што ти се отвори пред очи дека чекореше по кривулестите патеки на овој розов-црвен град.
Влегувам низ порта од која започнува правлив пат кој како змија се спушта надолу со околу 30% навалување и со бедуини на коњи кои врват од левата страна, а пред и зад мене река луѓе. Сепак, патот е доволно широк и секој може да оди во свое темпо.
Сонцето штотуку се искачи доволно високо да почне да пече на кожата, но ветерот сè уште успева да го излади моето тело.
Како се спуштам надолу, од двете страни полека се извиваат карпи во кои има прецизно ископани дупки и некакви натписи над нив – гробници.