Бев на градска плажа во Дојран – Како си поминав и како се движат цените годинава?
Температурата на водата е исклучително топла, но пак успеавме да се разладиме. Цените горе-долу се слични со минатогодишните. Две лежалки и чадор со гратис 2 нес-кафиња и 2 води се изнајмуваат по цена од 300 денари.
Изминатиот викенд (13.07) со семејството бевме на еднодневна прошетка до Дојран. Веќе неколку години, секое лето одам таму, така што знам колку и како ова туристичко место се менува низ годините.
Прво што ми беше најзабележително е тоа што нивото на водата во споредба со другите години е значително опаднато и ако минатите години веднаш од самиот брег влегувавме во длабочина од околу 1 метар, сега брегот е плиток, па е малку полесно доколку сте со мали деца, како што бевме ние.
Иако, да бидам искрена, по малку ме загрижува состојбата затоа што Дојранското Езеро веќе еднаш беше на раб од природна катастрофа во '90-тите.
Плажите се песочни, па се идеални за играње, но ако сте со деца, добро би било со себе да понесете уште еден чадор, бидејќи нема природна сенка, а чадорите со лежалките не покриваат поголема површина.
Температурата на водата беше исклучително топла, дури на шега велевме дека со толку топла вода, не се тушираме дома.
Но, пак, колку-толку успеавме да се разладиме и да се освежиме, особено ако се земе предвид дека температурите тој ден беа над 40 степени Целзиусови.
Иако во голем број од медиумите се пишува дека Дојран е празен, сепак забележително беше дека на „Градска плажа“ се присутни голем број викенд туристи, од околните градови и општини, а имаше и неколку семејства како нас, кои од Скопје, одлучиле да побегнат од горештините во главниот град и денот да го поминат на плажа.
Цените на плажа горе-долу се слични со минатогодишните.
Две лежалки и чадор со гратис 2 нес-кафиња и 2 води се наплаќаат по 300 денари.
Хамбургер на плажа се продава по 170 денари, пивото е 90 денари. Пилешките крилца се по цена од 220 денари.
Во пекарниците во близина четвртина бурек со јогурт чини околу 100 денари.
Порција локумадес се продава по цена од 50 до 80 денари. Чаша лимонада или сок од боровинка се продава по цена од 10 до 30 денари.
Сладоледот „на точење“ е по цена од 20 до 50 денари.
Сè на сè, цените се исти како и минатогодишните и не се разликуваат премногу од другите градови во Македонија.
Во разговор со тамошните продавачи, ги прашав каква е сезоната годинава, дали се задоволни од бројот на туристи.
И, иако на плажа имаше голем број празни лежалки и немаше преголема гужва, тие ми рекоа дека и годинава е добро, но најголемиот бран туристи го очекуваат по 25-ти јули, или особено во август кога цветаат алгите, па голем број луѓе доаѓаат пред сè заради здравствени причини.
Освен нашите, забележително беше присуството и на повеќе Срби, кои на пат кон Грција, застануваат тука да се одморат пред да го продолжат патот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело