Исповед на скијач кој 23 часа бил затрупан под лавина и преживеал: „Не сум верник, но таа вечер се молев“
- Детали
- среда, 27 март 2024
„Знаев дека не смеам да се предадам. Дека не смеам да заспијам, затоа што тоа ќе биде мојот крај“ – раскажува 54-годишен Италијанец, кој 23 часа бил заробен под снежна лавина, а неговата приказна се смета за вистинско чудо, затоа што сите очекувале да го најдат мртов.
Карлучо Сартори е 54-годишен Италијанец кој преживеал вистинска хорор приказна и денес има можност да ја раскаже на јавноста.
Во јануари 2023-та година овој алпинист скијал на планината Вал Бадија во Италија, кога одеднаш имало силна лавина, а Карлучо останал затрупан под снежниот насип.
Кога тој бил најден жив и свесен, 23 часа подоцна, никој не можел да верува како е возможно.
„Не сум верник, но таа вечер му се молев на Бога“ – призна Карлучо во изјава за италијанските медиуми.
Тој раскажува дека во моментот кога лавината била при крај, почнал да прави движења на пливање за да остане што е можно погоре, а кога лавината престанала, со едната рака која не му била повредена, успеал да направи отвор во снегот за да има доволно воздух.
Во следното деноноќие тој останал заробен во мала ќелија во снегот во која можел да дише, но и го заштитила од надворешниот студ.
Овој татко и сопруг признава дека бил уплашен цело време додека бил затрупан под снегот, но волјата да преживее била посилна од сѐ.
„Знаев дека не смеам да се предадам.
Дека не смеам да заспијам, затоа што тоа ќе биде мојот крај.
Ја мрдав само едната рака колку што можев. Дадов сѐ од себеси за да издржам и си ископав дупка за да дишам“ – раскажува Карлучо.
Тој вели дека најдоброто нешто што го направил било тоа што не размислувал за сопругата и децата, затоа што наместо да западне во паника, бил целосно сконцентриран само на преживување.
Заради топлината на неговото тело, снегот над Карлучо почнал полека да се топи, а следниот ден спасувачите со хеликоптер го нашле и речиси никој не можел да верува како тој е жив и свесен.
Неговата телесна температура била 23 степени Целзиусови и страдал од хипотермија.
Италијанецот имал неколку скршеници и замрзнати делови на рацете и нозете, но за среќа жив, затоа што сите очекувале дека по првите 10 до 14 часа најверојатно е мртов.
Карлучо морал повторно да научи да оди, а сега, по една година признава дека сѐ уште има мали проблеми со десната рака, но е пресреќен што е жив.
Тој признава дека повторно оди на планинарење, но неговото семејство никогаш повеќе нема да му дозволи да оди на скијање.
Б. С. Б. | Црнобело