Сведоштво од скопска болница: „Млада медицинска сестра седеше да теши мајка на пациент - девојче ти си херој“
- Детали
- среда, 19 март 2025
„Пред Градска болница седи мајка, исплакала и солзи, не може вода да пие, да зборува, не може да дише. Доаѓа медицинска сестра, младо девојче, веројатно излезено од клупа. Ја фати за рака, ја масираше: 'Мајка, исплачи се, ќе ти биде полесно, сите сме од крв и месо'. И ја убеди некако мајката да се напие вода“ - пишува во виралниот статус на Фејсбук.
По трагедијата која се случи во Кочани, многу повредени беа веднаш пренесени во болниците низ земјава. Дел од нив сè уште се наоѓаат во Градската болница во Скопје, и со надеж чекаат добри вести за своите сакани.
Но, во првите моменти по несреќата, кога семејствата стравуваа за животите на своите деца, Македонката Ивана Божиновска била сведок на настан, за кој вели дека ѝ дава верба во младината.
Една слика, вели Ивана, нема да ја заборави - како млада медицинска сестра неуморно им помагала на роднините на пациентите и ѝ дала утеха на мајка која чекала да слушне вести за своето дете.
Таа ја раскажа случката и ја нарече младата девојка херој:
„Пред Градска болница, седи една мајка, исплакала и солзи, не може вода да пие, не може да зборува, не може да дише.
Доаѓа една медицинска сестра, младо девојче, веројатно излезено од училиште, од клупа. Ја фати мајката за рака, ја масираше на раката и зборуваше со неа (парафразирам дел):
„Мајка, исплачи се, ќе ти биде многу полесно, сите сме ние од крв и месо“.
Потоа ја галеше по косата и ја убеди некако мајката да се напие вода.
Не знам како се вика ова младо девојче, медицинска сестра, но остана и после работното време, не сакаше да си оди.
Знам само дека ваквите златни деца, ги бркате од државава. Работат со години без решение, со плата цркавица, во мизерни услови.
А години потрошила на учење, уште толку на дообразување. И уште толку ќе потроши за да биде уште подобра.
Нека се погребаат душите во мир и спокој. Родител сум, за родител утеха нема. За родител, зборови нема. Живиот во гроб не влегува, ама ќе мора да живее.
Ова нека биде освестување за секој граѓанин, затоа што деца резервни немаме. Немаме деца за фрлање“ - пишува во дел од пораката на Фејсбук.
Во коментарите на Ивана ѝ напишаа дека станува збор за Ана Ќупева, девојка која е позитивна и ведра, а која и колегите од Медицинскиот факултет ја обожаваат.
По ова, Ивана на својот Фејсбук сподели уште една порака за да ѝ оддаде почит на младата Ана:
„Ана Ќупева, се надевам дека го погодив правилно презимето, е девојчето ХЕРОЈ, кое е четврта година на Медицински факултет и која неуморно цело време е со пациентите, и со нивните родители.
Не запознав само иден доктор, запознав човек кој во секоја смисла знае што значи да се заколнеш во Хипократова заклетва.
Јас - како волонтер овие неколку дена за да им помогнам со намирници и пијалаци на родителите, таа - како хуманитарец, иден доктор кој се грижи за пациентите и родителите, подеднакво.
Нејзините родители да бидат ГОРДИ на неа, затоа што заслужува. Ја заслужува целата среќа на овој свет.
Од глава нема никогаш да ми излезе дека има надеж за ова небо над Македонија, кога цврсто ја држеше раката на една мајка и ѝ велеше да се исплаче гласно, да плаче на глас затоа што сега солзите ѝ се најпотребни и дека ќе ѝ биде полесно.
Ова златно девојче најпрво се заколнала над заклетвата ЧОВЕЧКА, а потоа над Хипократова заклетва.
Апелирам до секоја сегашна и идна власт. Немојте да ги бркате овие златни деца! Затоа што една сурова трагедија, на најсуров начин ни покажа колку ни е потребно да имаме специјализирани доктори, доктори кои си ја сакаат својата професија!
Немојте овие деца да ги испратите по Хрватска да бидат келнерки, да перат садови. Дајте им достоинствена плата. Затоа што се ретки, единствени, како пастрмка во Охридско. Ова златно дете и секое ќе ја има мојата поддршка секогаш!
Кога сè ќе заврши, ова златно дете треба да се награди! Со помош за студии, со вработување, сеедно! Има многу начини!“ - пишува Ивана во својата порака на Фејсбук.
Погледнете ја нејзината објава:
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





