Стефанија Гаштарска за животот во Москва: „Становите се прескапи, но сметките им се буквално симболични“
- Детали
- вторник, 15 април 2025
„Ако се запознаеш со Русин биди спремен на 5.636 прашања буквално за сè, тие се многу љубопитни и се одлични пријатели. Русија мириса на уметност, а децата од најмали ги читаат Достоевски, Пушкин, Толстој. Тука се ценат само традиционални и вистински вредности“, вели балерината Стефанија Гаштарска за животот во Москва за CRNOBELO.com.
Стефанија Гаштарска (23) е балетски уметник, дипломирана на Болшој балетската Академија во Москва, солист првенец во Перм Опера и Балет во Русија. Таа е наша балетска гордост.
Од 16 години Москва ѝ е дом, а до денес живее на релација Скопје-Москва.
Поразговаравме со неа за животот во Москва, а таа за CRNOBELO.com споделува:
Колку време живееш во Москва и како се одлучи на ваков чекор?
Отидов да учам во Москва на 16 години, во Болшој балетската академија.
Мислам дека е јасно зошто мечтаев да учам балет токму таму. Московската академија е една од најдобрите балетски школи во светот. А, исто така отсекогаш ми бил огромен сон да играм на сцената на Болшој театарот.
Толку беше силна мојата волја, што се случи чудо — добив стипендија да учам таму.
Не беше воопшто тешко да се одлучам на овој чекор, а, напротив, за мене оваа шанса беше неверојатна и без двоумење се спакував и отидов.
Толку просто звучи ова „Се спакував и отидов“. Уште и да беше така прост патот до таму, би било баш супер.
Зошто токму Москва?
Како што кажав таму се наоѓаат една од најдобрите академии во светот и еден од најдобрите театри.
Знаев дека најквалитетното образование ќе го добијам токму таму. Не само балетско, туку целосно!
После милион изгледани документарни филмови за тоа училиште, мечтаев еден ден и јас да отидам таму.
Плус, моментот дека Болшој театарот се наоѓаше на буквално 20 минути со метро од училиштето и дека можев без проблем да одам и да гледам претстави со врвните балетски ѕвезди за мене беше неверојатно.
Што ти е најомилено во оваа земја?
Тоа што буквално мириса на уметност и тоа што на уметниците им се оддава огромна почит.
Уметник си? Капа долу!
Исто така, премногу ја почитуваат својата историја, своите традиции.
Старите градби се сочувани како нови, на децата уште од мала возраст им создаваат навика за посетување на театри, музеи, галерии, тие уште од прво одделение почнуваат со читање на руски класици: Достоевски, Пушкин, Толстој…
Но, се разбира главната причина е таа што: Русија е колевката на балетот.
Што те нервира најмногу во Москва?
Можеби тоа што цело време сите некаде брзаат. Ако си човек што сака мир и спокој, повеќе би ти одговарал Санкт Петербург.
Во Москва дури и да не ти се брза, мора да брзаш заедно со сите, инаку ќе те прегазат во метро.
Исто така, градот е огромен и како човек што секогаш бира пешачење наместо сообраќаен транспорт, тоа малку нервира.
За да стигнеш од место до место, мора или со такси или со метро, автобус или трамвај…
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





