„Мајка ми живее со мене откако се породив, готви и се грижи да сум наспана - не сакам да си оди“
- Детали
- сабота, 28 декември 2024
„Се будеше во 5:30, па за појадок ми правеше чај од црвени урми, ми сечкаше овошје. За ручек секогаш имаше супа, зеленчук и храна со многу протеини. Кога не можев да јадам, зашто го доев бебето, мајка ми, буквално, ми ставаше храна во устата“.
Хилари Вилчин (31) неодамна го родила своето прво дете, а по враќањето дома, најголемата помош ја имала од мајка ѝ.
Иако не живеат во ист град, Хилари знаела дека мајка ѝ ќе остави сè и ќе дојде да биде со неа во првиот месец, кога ѝ е потребна најголема помош со бебето.
Па додека Хилари се грижи за своето бебе, нејзината мајка е тука да се грижи за Хилари, за таа да се храни здраво и да спие доволно, бидејќи и на неа ѝ е потребен одмор.
Но, време е мајка ѝ да си оди дома, а Хилари вели дека почнува да ја плаши помислата дека таа ќе си замине.
Својата приказна Хилари ја раскажа за Business Insider:
„Кога дознав дека сум бремена, знаев дека мајка ми ќе дојде да живее кај мене во првите 30 дена, и дека ќе се грижи за мене според нашите обичаи.
Ние сме од Тајван, а во нашата култура, жената која штотуку се породила, мора да остане дома еден месец.
Во тоа време единствената обврска ѝ е да го храни бебето, и да се одмара за телото да може да ѝ зацели по бременоста и породувањето.
А истовремено, за мајката мора да се грижи некој член на семејството, близок пријател или да плати некому за да ја чува.
Иако обичајот е мајката да дојде дури по породувањето, јас ја замолив да дојде порано за да биде покрај мене.
Една недела пред породувањето, таа почна да подготвува здрава храна за мене - лупеше, сечкаше, распоредуваше, замрзнуваше различни видови овошје и зеленук.
Но, кога се роди мојата Лили, мајка ми како да се пушти „во трета брзина“ и не ми даде да „мрднам со прст“, но уште поважно, го подготвуваше секој мој оброк и ме тераше да спијам што е можно повеќе.
Се будеше во 5:30 и почнуваше со својата рутина. За појадок ми правеше чај од црвени урми, ми сечкаше овошје и скоро секој ден вклучуваше малку лосос.
За ручек или за ужина постојано имаше супа, свежи сокови, овошје, апетисани, зеленчук и храна со многу протеини.
Кога не можев да јадам, зашто го доев бебето, мајка ми, буквално, ми ставаше храна во устата.
Во првите 30 дена по породувањето, жената не смее да внесува никаков кофеин, шеќери или адитиви.
Храната не смее да е студена, зачинета или кисела. Идејата е телото да се врати во баланс и да може да произведува многу млеко за бебето.
Без мајка ми, која ми ја подготвуваше храната, мислам дека ќе јадев само работи што се подготвуваа набрзина, без некои хранливи вредности.
Таа направи да се тргне притисокот од мојот ум за тоа што ќе треба да јадам, па дури и дали ќе имам време за јадење.
Во тие први денови имав само обврска да се фокусирам на Лили и да се одморам.
А мајка ми, кога не готвеше - чистеше или си играше со Лили. И не се сеќавам дека седнала пред 9 навечер.
Тоа што живее со мене, односно со нас, всушност е добро и за мојот однос со сопругот. Мајка ми понекогаш ќе ја земеше Лили за јас и сопругот да можеме да бидеме малку сами.
Американската култура нема нешто вакво - мајката да ѝ помага на ќерката по породувањето, но мојот сопруг се навикна таа да е тука.
Му кажав дека може слободно да каже ако почне да му пречи нејзиното присуство кај нас, но тој вели дека не треба да ја „бркаме“ и дека може да остане додека сака.
Иако поминаа преку 30 дека, мајка ми е и понатаму тука и се грижи за мене, за Лили и за куќата.
И искрено, ме плаши помислата дека треба да си оди. Не знам како ќе функционираме без неа.
Па, за сега, не ѝ купувам повратна авионска карта за дома. Би сакала да остане со нас засекогаш или барем да се пресели некаде во близина“.
А. Ј. | Црнобело
фото: Генерирано со AI