Ирена, сопругата на клавијатуристот на ДНК: „Филип без тебе е претажно, но сѐ што сме сакале за ќерка ни Лора - ќе го направам“
- Детали
- четврток, 20 март 2025
„Летај, свири и дојди ни понекогаш во сон да се прегрнеме најсилно како што ти знаеше да прегрнеш“, напиша Ирена за својот сопруг Филип Стевановски, кој беше и директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.
Филип Стевановски беше продуцент, клавијатурист, тромбонист и композитор, магистар по џез науки, професор, директор на штипскиот Фестивал за детски песнички „Весело Штурче“, а од 24 јануари и директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип.
Филип беше член на бендот ДНК.
Тој беше и сопруг и татко.
Неговата сопруга Ирена преку социјалните мрежи се збогуваше со него.
Неговиот погреб ќе се изврши денес во Штип.
Објавата на неговата сопруга гласи:
„Среќо моја, Филип мој
Њоњче мое, ме остави со најголема празнина која не се опишува. Ми остави најголем спомен кој ќе го чувам и ќе се борам како најголема лавица.
Знам дека ќе нѐ чуваш и ќе ни дадеш сила да продолжиме по овој пат кој ќе биде претежок за нас.
Твојата светлина беше преголема за овој тажен свет. Свети и сега како најсилна ѕвезда која ќе ја гледаме секогаш и ќе знаеме дека нѐ чуваш од небото!
Лора беше твоето сѐ , музиката твојот живот, а јас твоето њоњче и ветерот во грб за да достигнеш сѐ што имаше замислено.
Последниот наш настап беше толку радосен и толку многу се смеевме, правеше сѐ за да сите бидеме среќни и насмеани.
Вечно ќе те паметиме по твојата голема душа, твојата насмевка што Лоричка ја носи, а јас во таа насмевка ќе те гледам тебе, мил мој.
Мојот живот без тебе веќе е тажен, претажен, но сѐ што сме сакале Лора да успее ветувам дека ќе го направам, а знам дека ти ќе ми помогнеш од зад облаците!
Летај, свири и дојди ни понекогаш во сон да се прегрнеме најсилно како што ти знаеше да прегрнеш!“
С. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





