Јелена и Филип се венчаа на ски стаза во Маврово – под олтар направен од скии, невестата скијаше во венчаница
- Детали
- четврток, 20 февруари 2025
„Стапивме во брак кај Трифкова колиба, а до олтарот, направен од стари скии, ме донесе ратрак украсен со балони. По потпишувањето, сите заедно во еден здив почнавме со спуштање по падините на Маврово држејќи запалени сигнални стапчиња во раце“ - раскажува за CRNOBELO.com Јелена од Белград, за кул свадбата со саканиот Филип од Скопје.
Јелена Голубовиќ Симјановски (31), до својата 18-та година живеела во Белград, а потоа се преселила во Скопје, каде моментално престојува, а во нашата земја ја пронашла и својата љубов.
Таа по професија е доктор, специјалист по гинекологија и акушерство, а нејзиниот сакан Филип Симјановски (34), роден и израснат во Скопје, е правник кој работи во Агенција за заштита на права од интелектуална сопственост.
Двајцата се љубители на зимски спортови, па се запознале во Маврово, каде и се вљубиле, а 6 години подоцна, на 16-ти февруари 2025, направија необична и кул свадба во ски-центарот каде се случиле првите љубовни искри помеѓу нив.
Јелена и Филип стапија во брак пред Трифкова колиба во Маврово, под олтар направен од стари скии, до каде невестата облечена во венчаница пристигнала со ратрак, украсен со балони.
Откако законски станаа брачен пар, тие го направија својот прв „свадбен спуст“ на скии и бордови, со бакли во рацете и насмевки на лицата.
За CRNOBELO.com, Јелена детално ја раскажа нивната љубовна и свадбена приказна:
„Филип и јас сме заедно точно 6 години, а се запознавме во Маврово, каде јас хонорарно работев како доктор во Ски центар Маврово, а Филип како еден од раководителите на ски патролата при здружението за спасување „Асклепиј“.
Неофицијалното запросување се случи пред 6 години на жичницата во Маврово, само 2 или 3 дена од почетокот на нашето познанство, каде што во тој момент бевме само познаници и тазе печени соработници.
Но официјалното запросување, каде што Филип клекна и вистински го „извалка“ коленото, се случи во Белград, поточно на тврдината Калемегдан, во март 2024.
Како и сè досега, бидејќи сме малку неконвенционални, не се придржуваме до класичните начела, па решивме да организираме 2 свадби.
Поточно класичната свадба со прослава во ресторан и црковната венчавка ги одржавме во Скопје на 14.02.2025.
Потоа општинската венчавка т.е. скијачката свадба ја организиравме и одржавме во Маврово на 16.02.2025, на ски терените при Ресорт Маврово, буквално среде стаза, токму каде и ја започнавме нашата приказна пред 6 години.
Двајцата сме луди по планина, зима, скијање/бордање, зимски спортови, така што и двајцата, од прв момент кога воопшто се почна со размислување за венчавка, знаевме дека мора барем еден дел да се случи во Маврово и тоа баш среде зима, кога има снег и можност за скијање.
Организацијата траеше околу 2 месеца и ни беше поприлично лесна затоа што во Маврово се чувствуваме природно и скоро како дома, а особено поради фактот што имавме огромна поддршка од Ресорт Маврово, со кој соработуваме долги години во различни облици и капацитети (јас најпрво како самостоен доктор, а подоцна и како дел од Македонското здружение за спасители во скијалишта, а Филип како долгогодишен ски патролер во претходното здружение кое го опслужуваше Ресорт Маврово како и моменталното здружение МЗСС).
По наша слободна проценка, може да кажеме дека имавме околу 50-тина гости од Македонија, како и од Србија.
Општинската (законската) венчавка се одржа во подножјето на ресторанот „Трифкова колиба“, односно на еден од врвовите на Маврово, практично среде ски терени.
Јас го носев истиот невестински фустан (еден дел од него) и велот, кои ги носев и за свадбената прослава во Скопје, па поради тоа можам да кажам дека ја искористив во повеќе наврати и максимално својата свадбена гардероба, а сепак тоа беше со само една личност, мојата љубов и животен сопатник.
Стајлингот на Филип беше составен од класичен дводелен бордерски комплет (сини скијачки панталони и блузон), дополнет со скијачка јакна како и црвена лептир машна за поформален изглед.
Мојата појдовна точка беше од подножјето на ски лифтот „Жолт“, каде што до коридорот за олтарот и гостите ме превезе тапкач на снег – ратрак, украсен со балони и свадбени декорации.
На самиот почеток на коридорот, направен од ски стапчиња поврзани со јажиња, ме пречека татко ми кој потоа ме испрати до импровизираниот олтар (направен од стари скии), а каде на крајот на коридорот, пред самиот олтар ме чекаше Филип, како и службеното лице кое ја регистрираше нашата согласност за склучување на брак.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





