Ребека со емотивна објава: „Панчо е со влошена состојба, вдишал многу топол дим, да се помолиме за сите кои се борат“
- Детали
- понеделник, 17 март 2025
„Состојбата му е влошена. Трахеата е оштетена. Вдишал многу топол дим. На апарати е. Панчо мил, те молам не се предавај, да се помолиме за сите кои се борат за живот“ – напиша Ребека. Лила сподели фотка со Панчо и напиша: „Мораш да бидеш добро, се молиме...“
По катастрофалниот пожар во дискотека во Кочани кој се случи ноќта помеѓу 15 и 16 март, во најголемата трагедија досега животот го загубија (официјално досега) 59 лица.
Mеѓу нив, беа Андреј Ѓорѓиески од ДНК, но и пратечкиот вокал на бендот, Сара Пројковска, музичарот Мартин Бит Бокс, и музичарите од бендот Ѓорѓи Горѓиев кој свиреше на тапани, клавијатуристот Филип Стевановски и гитаристот Андреј Коларов, фотографот Александар Ефремов, кој ги следеше секаде и уште многу други млади деца, кои вечерта биле гости во клубот.
„Каков ден, каква трагедија, човек да не поверува. Пријатели, колеги, соработници кои имаа уште многу од себе да дадат за сите нас, но за жал Бог имаше други планови.
Филип музичар голем, а уште поголем човек и другар. До пред некој ден зборевме што ново може да понудиме на „Весело Штурче“, твоето музичко чедо.
Сара еден од они вокали без кои не можеш да замислиш македонска песна и македонски бенд. Имавме уште многу проекти кои за жал никогаш нема да звучат така без тебе.
Андреј добричина од човек и голем хуманист. Остави голем печат низ твојата музика, твоите песни ќе живеат вечно.
Александар и Александар мои драги штипјани, Штип плаче за Вас, Штип пали свеќи за Вас и се моли за вашите фамилии, Штип вечно ќе се сеќава на вашата музика и фотографиите.
Ѓорѓи млад талентиран бубњар со светла музичка иднина.
Светете најснајно таму на небото, вечна Ви слава!“ - стои во објавата на Дарко Андонов DAAN, за музичарите кои ги загубија животите.
Владимир Блажев Панчо од ДНК, утрото по несреќата беше префрлен на Клиничкиот центар во Скопје, со изгореници на лицето и раката, ставен на кислородна поддршка, како што потврди сестра му за медиумите.
Но, подоцна во текот на вечерта, состојбата му се влошила, бил префрлен во приватна болница, а Ребека Јанковска Ристески напиша нови детали, но и повика сите да се помолиме за него и за сите останати кои се борат за живот по трагичната несреќа.
„Драги и почитувани пријатели,
Да се молиме за сите кои се борат за живот вечерва. Да се помолиме и за Владимир, Панчо, мојот мал Буцо од детството кој ме носеше на пица да ме части,а имаше 12 или 13 години. Буцо кој е голем борец,патриот,хуманитарен, уметник! Молитвата е моќна кога е од срце. Господ да се смилува и сите кои преживеаа,а се во тешка состојба да ги исцели и да им дари живот.
Панчо мил,Те молам не се предавај!
Владимир е во Систина префрлен вечерва. Состојбата му е влошена. Трахеата е оштетена. Вдишал многу топол дим. На апарати е“.
Лила Филиповска исто така објави заедничка фотографија со Панчо на Инстаграм Стори и напиша:
„Ќе бидеш добро, мораш да бидеш добро... Се молиме што побргу да ни се вратиш!“
М. М. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





