Емотивна објава на татко на близнаци од Скопје: „За малку ќе се разделевме, мојата сопруга и јас“
- Детали
- четврток, 03 октомври 2024
„За малку ќе се разделевме, мојата сопруга и јас. За малку ќе потклекневме пред тој тежок период на родителството. За малку ќе се изгубевме во промените што дојдоа со бебињата...“, започнува моќната објава на Столе Ѓорѓиевски.
Столе Ѓорѓиевски, сопруг и татко од Скопје, е еден од оние луѓе кои отворено зборуваат за сите теми на социјалните мрежи, па така е и кога станува збор за семејниот живот.
Тој вели дека улогата татко на близнаци е најубавата улога која некогаш ја добил во животот, но и најтешката.
Неговите малечки се во фаза на тодлери и во семејниот дом кој го дели со саканата Тамара секогаш владее динамична атмосфера.
За предизвикот бракот да опстане во фазата кога имате новороденчиња, па тодлери дома, Столе јавно проговори на неговиот Фејсбук профил.
Објавата е искрена и од срце и веруваме дека во неа ќе се пронајдат голем дел од паровите, кои неодамна станале родители.
Објавата на Столе:
„За малку ќе се разделевме, мојата сопруга и јас.
За малку ќе потклекневме пред тој тежок период на родителството. За малку ќе се изгубевме во промените што дојдоа со бебињата – промените кои го погодија нејзиното тело, но и емотивните кои не погодија двајцата.
За малку ќе се срушевме под тежината на огорченоста – таа го носеше товарот на главниот родител, а јас го носев товарот на главниот потрчко.
За малку ќе се разделевме.
Не се зборува за овие работи, нели?
Признавањето дека бракот не ти е совршен носи со себе срам. Отвора врата за осуди, особено за една од најважните одлуки во животот.
Не се зборува за ништо што би можело да ја разниша фасадата на хармонија и блаженство во врската, бидејќи ако тоа се случи, ќе излезе на површината колку сме ранливи и несовршени, и ќе мораме да го носиме тој срам засекогаш.
Ќе бидеме тие што „поминале низ тежок период“, или оние кои „се бореле со проблеми“.
Но, мора да зборуваме за тоа.
Мора да зборуваме за тоа како првите години од родителството можат да бидат измачувачки. Тие години можат да го срушат брачниот живот кој штотуку започнал.
Кај нас, фрустрацијата беше огромна, заморот безмилосен, а комуникацијата ни недостасуваше.
И двајцата се чувствувавме како да немаме доволно – ниту време еден за друг, ниту простор за себеси, ниту пари за растечките потреби на семејството, ниту нешто што нè исполнува надвор од улогата на родители.
Мора да зборуваме за тоа колку е тешко да се издржи кога децата се најпотребни, а ние сме најисцрпени. Треба да зборуваме за тоа како понекогаш се чувствуваме повеќе како цимери, отколку како партнери.
Како можеме толку да се замориме, што идејата за интимност не ни паѓа на памет. Треба да зборуваме за тоа како лесно може да се изградат ѕидови меѓу нас и да почнеме да се оддалечуваме.
Треба да зборуваме за тоа дека постпартумот не е само првите неколку месеци по раѓањето. Мора да се зборува за моментите кога стоиме будни во 2 часот наутро, тивко се расправаме додека бебињата плачат и ништо не помага – можеби премногу ги затегнавме пелените, можеби собата е премногу топла, можеби собата не е доволно затемнета.
Треба да зборуваме за тоа како губењето на сопствениот идентитет и обидот повторно да се пронајдеме, и како поединци и како партнери, може да нè сруши, особено кога имаме уште малечки суштества кои зависат од нас.
Треба да зборуваме за тоа како понекогаш изгледа дека би било полесно сам да ги решиш сите тие проблеми.