Успешни Македонци низ светот: Мартина од Куманово е агент за недвижнини во Чикаго
- Детали
- вторник, 22 април 2025
„Јас му пристапувам лично на секој клиент и се грижам да му најдам вистински дом, не само да продадам куќа. Целта ми е клиентите да се чувствуваат сигурни во секој чекор од процесот на купување дом и работам со срце“ - вели Мартина Тренчевски која е успешен агент за недвижнини во Чикаго.
Мартина Тренчевски (34) е магистар по односи со јавност и агент за недвижности во Coldwell Banker Realty во САД.
Со сопругот и двете деца таа веќе 11 години живее во Вилоубрук, предградие на Чикаго, во државата Илионоис.
Освен што работи како агент за недвижности, Мартина со години наназад им помага и на луѓето кои штотуку се преселиле во САД побрзо да се прилагодат на новиот начин на живот, а тоа го прави од сèсрце.
„Секој што има потреба од помош, без разлика дали е нов во Чикаго или предградијата, или веќе живее тука, може слободно да ми се обрати преку Инстаграм на @realtor.martina.
Таму секојдневно споделувам информации, совети и инспирации поврзани со животот и недвижностите во Чикаго.
Мојата мисија е да бидам тука за луѓето, не само како агент за недвижности, туку и како некој што искрено сака да помогне.
Без разлика дали станува збор за пронаоѓање дом, адаптација во нова средина или секојдневни прашања и совети, секогаш сум тука со отворено срце и подготвеност да подадам рака“ - вели таа.
За нејзината професија, што е најважно кога некој решава да купи нов дом, но и за животот во САД, Мартина ни раскажа во интервјуто:
Зошто ја избра токму Америка да ти биде место за живеење?
Со сопругот добивме зелена карта на лотарија и тоа беше најголема причина зошто дојдовме тука.
Во САД прво дојдовме преку програмата Work and travel и тоа во време кога штотуку почнавме да се забавуваме. И веднаш се заљубивме во сè што нè опкружуваше.
Потоа, кога добивме зелена карта си ја замисливме иднината тука - како создаваме семејство и градиме успешни кариери.
Што ти се допадна на почетокот, а што ти беше најголемото разочарување?
На почетокот ме воодушеви можноста што ја нуди Америка - начинот на живот, можностите за развој и чувството дека сè е можно ако работиш напорно.
Ми се допадна и тоа што луѓето се љубезни и секогаш подготвени да помогнат.
Најголемото разочарување беше тоа што, иако Америка е земја на можности, успехот не доаѓа преку ноќ.
Се соочивме со предизвици, како носталгијата за дома и потребата да се адаптираме на нова култура и начин на живот.
Но, со тек на време, сфативме дека секој предизвик е можност за раст.
Колку долго траеше прилагодувањето на новиот живот?
Прилагодувањето траеше неколку години. На почетокот сè беше возбудливо и ново, но како што поминуваше времето, сфативме дека треба да изградиме стабилност – професионално, социјално и емоционално.
Најтешко беше да се навикнеме на далечината од семејството и пријателите, но со тек на време создадовме нов круг на луѓе и почнавме да се чувствуваме како дома.
Можам да кажам дека денес целосно сме адаптирани и уживаме во животот што го изградивме тука.
Работиш како агент за недвижности. Дали во оваа гранка ти беше и првото вработување или помина неколку различни работи за да стигнеш до тука?
Не, моето прво вработување не беше во областа на недвижностите.
Пред да станам агент за недвижности, работев како организатор на настани, каде што со голема страст планирав свадби и други специјални прослави.
Сакав да им помагам на луѓето да ги реализираат нивните најважни моменти, и токму таа работа ми ја всади љубовта кон професиите што се фокусираат на услуги и грижа за клиентите.
Со тек на време, сфатив дека недвижностите нудат слично задоволство – помагање на луѓето да го најдат својот дом, што е исто толку важен момент во нивниот живот.
Тоа ме привлече во оваа индустрија, каде што сега успешно работам и ја користам истата посветеност и енергија за да им помогнам на клиентите да донесат важни животни одлуки.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





