Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајвар“
- Детали
- понеделник, 30 септември 2024
„И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопственост на француско семејство пред да стигне до мене, а јас сум најсреќниот човек на светот што е моја“, вели за CRNOBELO.com виртуозот на виолина Стефан Миленковиќ.
Еден од најдобрите светски виолинисти на нашето време, Стефан Миленковиќ, е човек со многу таленти.
Освен што свири со неверојатна прецизност и брзина, тој предава виолина на факултетот во Нови Сад, a повремено работи и како модел и заштитно лице за познати брендови.
Во брак е со гитаристката Горица Грозданиќ, со која во 2020 го доби синот Никола.
И на сцената и вон неа, Миленковиќ е исклучително шармантен и допадлив, иако не прави ништо посебно или смислено да ѝ се допадне на публиката или на својот соговорник.
Едноставно, српскиот виолинист, некогашното чудо од дете кое свири виолина од својата трета година, поседува харизма со која освојува. А тоа го покажа и овој пат, на нашето второ интервју.
Разговорот за CRNOBELO.com го правевме пред неговиот скопски концерт, кој се одржа на 19.08, а на кој беше гостин на Камерниот оркестар Профундис.
Стефан Миленковиќ на интервју за CRNOBELO.com
Пред да седнеме во делот предвиден за интервјуа, тој ми ја бакна раката, како вистински џентлмен.
„За што ќе разговараме денес? Знаеш, ми фалеше Скопје, Охрид ми фали, па и вашиот ајвар. Не сум бил тука пет години, тоа е долго време. Секогаш се враќам со задоволство во Македонија“, рече тој пред почетокот на разговорот.
Музичарот кој како дете свирел пред папата Јован Павле Втори, американскиот претседател Роналд Реган, рускиот претседател Михаил Горбачов, но и пред индијанското племе Навахо, и по 44 години активно бавење со музика, со огромна страст зборува за виолината, кариерата, но и за својот син.
Прочитајте го целото интервју:
Денес имаш 47 години, но и понатаму не те напушта епитетот „чудо од дете“. Необично ли ти е кога и денес ќе го слушнеш тоа?
После многу поминати децении, навикнат сум на тоа и денес да ме ословуваат со „чудо од дете“.
И не можам да кажам дека чувствувам нешто негативно во однос на тој епитет.
Тоа го носам со себе толку долго, што, денес на тој епитет гледам како на еден убав филм, како на дел од мојата лична историја.
На крајот на краиштата, навистина ми е мило што луѓето се сеќаваат на тоа, бидејќи симболизира едно друго време.
Денес кога имаме премногу поделби, во секоја смисла, мислам дека тоа беше нешто што ги обединуваше луѓето. Токму затоа и не го чувствувам како некој товар што го носам со мене.
Свириш од 3 години, првиот концерт го одржа на само 6.. Пред да наполниш 16 години веќе имаше 1.000 концерти зад себе... Па, после толку години, дали има моменти кога ти доаѓа да ја оставиш виолината бидејќи се чувствуваш „изморен“?
Да, има такви моменти. Ги има секоја сезона, порано или подоцна, бидејќи ниедна концертна сезона не можам јасно да ја дефинирам.
Да речеме, во есен сум презафатен, пролетта ми е со полн распоред, летата се катастрофални што се однесува до обврските, така што секогаш настапувам со некој голем интензитет и набиено темпо.
И потоа, зависно од периодот, обврските, програмата што ја свирам - ми се случува да се презаситам.
За среќа, не ми треба многу време да се регенерирам и да се вратам, иако, понекогаш ми е неопходно да оставам сè и да се тргнам на страна. А потоа сфаќам дека времето кога не сум со виолината повеќе ми е дистракција отколку релаксација.
Јас сум личност која сака динамични работи, па дури и одморот сакам да е активен одмор. Не се сеќавам дали некогаш сум бил некаде за да се излежувам и да не правам ништо една недела, или 10 дена.
Потребни ми се неколку дена да се опуштам и потоа чувствувам дека можам да се вратам на обврските со полна сила.
Твојот син веќе има 4,5 години. Дали тој свири на некој инструмент, има ли афинитет да го продолжи твојот музички пат, но и патот на мајка му, која исто така е музичар?
Тешко е да кажам, тој е сè уште многу мал. Но, од нас го наследил неверојатното чувство за ритам и за карактерот на музиката.
Тоа го забележувам кај него, дека не ја препознава само мелодијата, туку карактерот на музиката.
И покрај тоа, со сопругата не го форсираме да прави ништо.
Не го насочуваме кон музиката, зашто мислам дека треба да биде само дете, да се развива нормално.
Добро, сега излегува дека јас не сум имал нормално детство. Па, и немав во суштина, но го балансирав со некои нормални работи, па не се жалам за ништо.
А Никола пред неколку недели го запишавме на џудо и самбо, па нека си игра таму и нека се тркала, нека се фрла со другите деца - мислам дека тоа е она што треба да го прави сега.
Колку те смени татковството и дали раѓањето на синот на некој начин влијаеше врз твојата кариера?
И ме смени и не... не знам. Јас постојано си велам дека откако е роден Никола повеќе ќе ги бирам обврските, подобро ќе си го распоредам времето и на крајот сфаќам дека тој момент никако не доаѓа.
Факт е дека кога од Америка се преселивме назад во Србија, ми се намалија тие интерконтинентални патувања.
Порано бев на пат по 200 дена во годината и двапати месечно патував од САД во Европа и тоа го правев некои 20 години.
Иако и понатаму ја сакам таа динамика, сепак, тоа е премногу време поминато во патување.
Сега, за среќа, не е неопходно да патувам толку, ако одам некаде ме нема на 2-3 дена, наместо да не сум дома и со саканите со недели.
Тоа ми дава повеќе време за мене, за семејството, за синот и сопругата.