Вирџинија од Скопје е девојка со уникатен моден стил – шарени стајлинзи, сина коса и нокти во сите бои (фото)
- Детали
- недела, 08 декември 2024
„Косата ми е сина веќе 7 години и е ‘морето во мене’. Облекувањето за мене е забава и игра. Дајте му на дете само да се облече и ќе ви ја направи најлудата комбинација, па така правам и јас“, вели Вирџинија Ристеска (32) од Скопје за CRNOBELO.com.
Вирџинија Ристеска (32) од Скопје, или @serafinapekkalla на Инстаграм, е диплoмирана актерка по професија, а за себе вели дека е светски патник по личен избор.
Има впечатлив моден стил, поради силните бои кои ги обожава, како и сина боја на коса.
За својот моден стил, но и начин на живот таа споделува за CRNOBELO.com:
„Хедонист сум и сакам максимално да уживам во животот. Слободното време го користам да патувам (или да го планирам следното патување), без разлика дали е тоа некоја нова дестинација или место каде што веќе сум била, но ми оставило толку добар впечаток, па сум решила повторно да го посетам.
Уживам во секојдневното кафе со другарките, да откривам нови локали низ Скопје, сакам силни бои, колоритни места, добра книга, вкусна храна, супер журка каде што ќе се уморам од танцување и сѐ што светка.
Косата ми е сина веќе 7 години и е како јас сакам да кажам, морето во мене.
Кога веќе ја немам среќата да живеам покрај море, што ми е најголемата желба во животот, ја имам косата да ме потсетува на морското синило.
Пред сина бев и розова, виолетова, зелена, црвена, прамени од сите овие бои, налик на галаксија.
Во сината најмногу се пронајдов и не знам дали некогаш би ја сменила. Нормално дека си бара одржување, но во споредба со другите бои, дури би рекла дека е најлесна - како проаѓа време така се менуваат 50 нијанси сино.
Розова боја во стајлинзите најверојатно несвесно избирам затоа што ми прави најдобар контраст со сината коса.
Имам многу, мнооогу гардероба и 90% од истата е колоритна, така што ако треба да изберам заштитен знак би рекла дека колоритни, уникатни парчиња ми се заштитен знак.