Милица Павловиќ за CRNOBELO: „Немам емотивен партнер, можеби Македонец ми е судбина“

„Да не беа моите баба и дедо, немаше да сум толку решителна. Нивните крилја ми беа нешто најубаво во животот, тие беа мојата вселена. Јас таква поддршка каква што имав од нив двајца, денес немам ни од родениот татко“, вели во интервју за CRNOBELO.com пејачката Милица Павловиќ.

milica-pavlovikj-za-crnobelo-nemam-emotiven-partner-mozhebi-makedonec-mi-e-sudbina-01.jpg

Српската пејачка Милица Павловиќ освојува на прва со својата харизма. Таа е и разговорлива и искрена, но и жена која не успева да ги скрие емоциите.

Па додека седевме во ресторан во Скопје, и муабетевме за нејзиниот живот, кариерата, но и за претстојниот концерт, што ќе се одржи на Денот на вљубените в година (14.02.2025), Милица се смееше, се шегуваше, а на моменти ѝ се насолзија и очите, особено кога зборуваше за починатите баба и дедо, луѓето кои ја израснале во селото Буниброд, близу Лесковац.

Оттаму, Милица ги носи најубавите детски спомени, па и денес кога ќе отиде во куќата во која веќе не живее никој, ѝ се навраќаат емоциите.

Љубовта кон нив, вели, ја тера да биде и чесна и искрена, да не се срами што е дете на разведени родители, но и што е растена во село.

А токму ова се некои од најдобрите совети кои ги добила од нејзините баба и дедо. Вели, тие ѝ се ангели чувари кои и денес бдеат над неа.

За оградата во нејзината куќа во Буниброд, која е вистинска атракција, и покрај која одат луѓето да се фотографираат, како ја одржува витата става, но и за музиката и улогата во серијата „Певачица“, ни откри низ разговорот...

milica-pavlovikj-za-crnobelo-nemam-emotiven-partner-mozhebi-makedonec-mi-e-sudbina-08_copy.jpg

Во Скопје ќе одржите концерт на 14 февруари. Зошто го избравте токму тој ден за дружење со македонската публика?

Затоа што сум сингл и немам емотивен партнер, јас не сакам да бидам сама, туку со луѓето што најмногу ги сакам и кои знам дека ме сакаат мене - а тоа е мојата публика.

И каде подобро, отколку да дојдам во Скопје, кое е блиску до мојот Лесковац, па ако некој го познава темпераментот на овој народ, тоа сум јас.

Многу пати сум настапувала тука, на концерти, приватни забави, свадби и мислам дека ќе се чувствувам како дома, во прегратка на македонската публика.

Сакам на сите што немаат љубовен партнер, таа вечер да им испратиме љубов.

Но, и тие што се во пар, верувам ќе си поминат убаво, бидејќи во текот на целиот концерт е присутен еден ролеркостер од емоции - има луѓе кои во еден момент плачат, но и такви кои скокаат и не можат да се воздржат колку многу сакаат да играат, а ќе има и такви кои неодамна раскинале, па заедно со мене ќе му порачаат на бившиот партнер „уз виски топао да Бог да пропао“.

И да кажам дека првпат на сцената во Скопје со мене ќе настапат музичари кои досега не биле дел од турнејата.

За што размислувате пред да излезете на сцената? Имате ли некој посебен ритуал?

Вдишувам длабоко и се прекрстувам, а потоа погледнувам во мојот тим, зашто знам со колку љубов и труд ја правиме првата голема концертна турнеја во мојата кариера.

Сакав турнејата „Лав“ да ја паметам цел живот и во тие 3 часа, колку што трае концертот да дадам сè од себе.

Ќе имаме и гостин, некој со кого имам снимено дует, но не го откривам името, а може да се појави и некој со кого планирам дует.

milica-pavlovikj-za-crnobelo-nemam-emotiven-partner-mozhebi-makedonec-mi-e-sudbina-07.jpg

Во хороскоп сте Лав, а и во песните пеете дека сте силна, доминантна жена. Но, каква сте зад затворени врати?

Јас толку многу го кажувам тоа што сум во хороскоп, што мислам дека кога ќе спомнам, сите Лавови од универзумот ја креваат главата, ха, ха.

Инаку, не гризам, јас сум лавица што не гризе. Јас сум многу нормална личност, посветена на моите пријатели и соработници.

Посветена сум многу и на својата работа, па дури и кога ќе отидам на одмор, сепак, се трудам да направам нешто и да придонесам за доброто на сите.

Имате ли некоја навика за која знаат само најблиските?

Секој ден покрај себе морам да имам лешници, бадеми, јас без тоа не можам да живеам.

Си носам кесички со апетисани секогаш со мене, ги имам во автомобилот, во чантата.

Ме чекаат дома, во моето село Буниброд, но не само во кујната, туку и во една просторија каде што ги чувам своите сценски костими и реликвии поврзани со кариерата - е и таму имам скриени кесички со лешници.

Јас сум жена која сака бели рози, мислам дека ова го немам кажано никаде...

Па ако некој сака да ме усреќи, ете, наместо бели рози, како замена може да ми донесе кесичка лешници и бадеми и јас ќе бидам најсреќна на цел свет.

Низ годините ве поврзуваа со познати мажи, а вие неколкупати демантиравте... Ве вадат ли од такт невистините напишани за вас?  

На почетокот тоа ме повредуваше многу, се прашував зошто го прават тоа.

Друго е кога работите ги измислуваат луѓето од вашиот град или село, луѓето од вашиот клас, некој што ве познава.

Но, кога се занимавате со јавна работа сè е помножено со 1.000, затоа што јас сум под лупата на јавноста, а трачот не останува само „во околината“ на тие што го измислиле, туку се шири на цел Балкан.

Ми се случува да поминам некаде, да влезам во продавница, да одам на фризер и да гледам како си дофрлаат луѓето погледи, како си дошепнуваат.

И нема кај да побегнеш од тоа, освен на место каде што не е твое говорно подрачје и никој не те знае...

Јас сум веќе 12 години на сцената, но верувај, ми требаа години да го прифатам тоа, да бидам мирна самата со себе и да си кажам дека не можам да влијаам на тоа, па мора да ги прифатам работите како дел од мојот живот и професија.

А на сето тоа јас само можам да проголтам кнедла во грлото, да им се насмевнам на сите тие луѓе, да сум културна, пристојна, воспитана, каква што сум... а мојата кожа станува сè подебела и подебела, па работите помалку доаѓаат до душата, до срцето, до главата.

Јас знам дека не можам да му угодам на светот, да им кажам на луѓето што треба да мислат за мене. Тие си создаваат свое мислење и тоа е океј.

milica-pavlovikj-za-crnobelo-nemam-emotiven-partner-mozhebi-makedonec-mi-e-sudbina-06.jpg

Која е најголемата лага што сте ја слушнале за себе, што ве повредила многу?

Пред некои 7-8 години излезе вест на насловна страница, со наслов „Милица во врска со оженет маж кој има три деца“.

Тоа беше првпат да тужам некого, мене тоа страшно ме повреди. Јас не растурам бракови и знам дека сум „чиста како солза“, што би рекол народот.

Потоа ја добив тужбата, бидејќи сето тоа беше измислено.

Сега, и да ме повреди нешто, брзо поминувам преку тоа.

Дали ви е популарноста некогаш товар, или успешно се носите со сите работи што одат рака под рака со неа? Која е најдобрата работа што ви ја донесе популарноста?

Па има ли нешто поубаво од тоа кога ќе излезеш на сцена и ќе запееш весела песна, па гледаш како сите се весели. Вие тагувате во некоја песна, тагуваат и тие.

Таа размена на емоции и енергија е нешто за што, верувам, многу луѓе би платиле за да го доживеат.

Тоа што со една песна можам да допрам до срцата на публиката за мене е непроценливо, ме турка да бидам подобра секој ден.

Јас сум толку „луда“ во однос на работата, што знам дури и да ги проверувам каблите дали се поврзани или, дали имаме агрегат во случај да снема струја.

milica-pavlovikj-za-crnobelo-nemam-emotiven-partner-mozhebi-makedonec-mi-e-sudbina-03.jpg

Продолжува на следната страница...



Би можело да ве интересира:

Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“ „На Моша му читам, ама како да не ми ги сака приказните, ко да знае дека си ги и...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Љубовната приказна на Јелена Спенџарска и Лукас: „Поради мене сакаше да се пресели во Скопје“ „Јас имав трема кога го запознавав со моите, тој беше опуштен. Си се спремаше, к...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Маја од Скопје на 41 година го победи ракот на дојка: „Пациентите кријат дека примаат терапии, кај н... „Сакав и одлучив да живеам и мислам дека таа свесна намера беше пресудна да се п...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg