Наполни 36 години, 2 децении е во кома: Кој е „заспаниот принц“ од Саудиска Арабија?
- Детали
- петок, 25 април 2025
Ал-Валид, попознат како „заспаниот принц“, потекнува од кралското семејство на Саудиска Арабија и веќе две децении е во кома. И покрај прогнозите на лекарите дека нема да се разбуди, неговото семејство одбива да се збогува со него.
Принцот Ал-Валид бин Калед бин Талал од Саудиска Арабија е познат и како „заспаниот принц“ бидејќи веќе две децении е во кома.
На 18-ти април годинава, тој го прослави 36-тиот роденден, што значи поголемиот дел од животот, принцот го поминал во болнички кревет, без свест.
Ал-Валид е правнук на кралот Абдулазиз кој се смета за основач и прв крал на модерна Саудиска Арабија.
Неговиот татко е син на братот на сегашниот крал на Саудиска Арабија – кралот Салман – што значи, „заспаниот принц“ е меѓу помоќните членови на саудиското кралско семејство.
Заспаниот принц, односно Ал-Валид во 2005 година учел на колеџ во Лондон, кога доживеал сообраќајна несреќа.
Во несреќата се здобил со тешко оштетување на мозокот, па оттогаш е во кома.
Моментално тој се наоѓа во болница во Ријад, а и покрај препораките на лекарите дека е подобро да го исклучат од машините и да му дозволат да почине, неговото семејство не дозволува.
Неговиот татко, принцот Калед бин Талал, вели дека не губи надеж дека син му ќе се разбуди.
„Ако Бог сакал да умре во несреќата, досега ќе беше во гроб“, има изјавено татко му во една пригода.
Во 2020-та, односно 15 години по несреќата, „заспаниот принц“ малку ги придвижи прстите на едната рака. Моментот беше овековечен на видео кое масовно се споделуваше и на Твитер.
Сепак, иако неговото семејство тогаш се надеваше дека ќе се разбуди, принцот остана во кома. Пет години претходно, било забележано слично движење, но принцот сепак останал во кома.
Иако лекарите прогнозираат дека по две децении во кома, принцот веројатно никогаш нема да се разбуди, неговото семејство не губи надеж, а наводно татко му минувал многу време во неговата болничка соба.
Поради состојбата во којашто се наоѓа, принцот веќе му е познат на целиот свет, а мислењето на јавноста за целата ситуација е поделено.
Некои сметаат дека родителите не треба да губат надеж, додека други веруваат дека не е хумано присилно да го одржуваат во живот со машини.
„Тој е веќе мртов. Зошто едноставно не му дозволат да замине?“
„Како медицинска сестра, можам да кажам дека добива одлична нега и јасно е дека добро се грижат и за неговиот изглед“.
„Зошто го измачуваат?“
„Изгледа подобро од многу луѓе кои не се во кома. Да се молиме за него“.
„Ве молам дозволете му да си замине“.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





