Саша Матиќ за CRNOBELO: „Кога сопругата не е дома, со ќерките секогаш правиме ‘фешта’“
- Детали
- понеделник, 16 декември 2024
„Сите овие години балансирам меѓу семејството и музиката. Се навикнаа и тие и јас. Децата се веќе големи, си одат по својот пат и веќе не сакаат да поминуваат толку време со родителите како кога беа помали. А и двете се кријат од медиумите колку што можат“, вели Саша Матиќ за CRNOBELO.com.
Еден од најпознатите пејачи на народна музика во регионов, Саша Матиќ, на 21 декември ќе одржи голем концерт во арената „Борис Трајковски“.
Ова ќе биде негов прв ваков солистички настап во Скопје, на кој, вели Саша, неизмерно му се радува.
На прес-конференцијата пред концертот, Матиќ кажа дека најмногу од сè ja сака нашата музика, па на сите негови концерти има блок со македонски песни, кои ги пее за своја душа.
Насмеан, и расположен за разговор, пред интервјуто за CRNOBELO.com, Саша ми вели:
„Прашај што сакаш. Сè ќе ти кажам. Нема теми за кои не сакам да зборувам“.
Па така, низ разговорот, ни откри нешто за неговите две ќерки, за хуманитарната работа која прави да се чувствува подобро, за неостварената желба во кариерата.
Прочитајте го целото интервју со Саша Матиќ:
Ова е ваш прв голем концерт во Македонија, па што очекувате од нашата публика, но и што ќе ѝ понудите вие – што може да очекува од вас?
Македонската публика секогаш давала максимум кога се концертите во прашање, па не се сомневам дека ќе биде така и овој пат.
А од мене можете да очекувате добро расположение, добра енергија и да очекувате дека ќе си отидете задоволни после концертот.
Ви се случува ли некогаш да не ви се пее, да не ви се излегува на бина?
Не можам да речам дека не ми се пее, но, понекогаш ми се случува да сум преморен.
Еве, неодамна свирев во Амстердам, а веќе следниот ден требаше да пеам во Ниш на една приватна забава.
Настапот во Амстердам го завршив во 3:30 изутрина, отидов во хотелот, се спремив и оттаму отидов во Ајндховен на аеродром.
Летот за Белград ми беше во 9:30, па успеав да отспијам многу малку во авионот, ама тоа не е тоа.
Додека се возев накај Ниш „врзав“ околу 2 часа сон… И вечерта пред настапот сфатив дека баш ми фали одмор.
Но, кога се качив на сцената, што да кажам, наместо 2 часа, пеев 3 часа.
Така што, каде и да сум, кога ќе излезам пред публиката, кога ќе ја почувствувам нивната енергија и љубовта што ми ја даваат, заборавам на сè.
Таа интеракција меѓу мене и публиката ме тера да не запирам и да се занимавам со оваа работа додека ме служи здравјето и додека можам.
Не криете дека ја сакате нашата музика и дека имате блок со македонски песни на вашите концерти. Но, постои ли една песна што ве допира во срце секогаш кога ќе ја слушнете?
Има многу, не една. Јас, на пример, ја сакам „Лихнида“, ама и „Јано мори“, па „Сношти сакав да ти дојдам“.
Имате вие голем опус на убави песни, има што да се чуе.
Вие сте скоро 25 години на музичката сцена. Постои ли нешто во овој четврт век што сте посакувале да го направите, а не сте успеале досега?
Секојпат кога ќе направам нешто големо, си велам – тоа е тоа.
Мислам дека би сакал да одржам концерт во Белград на некој многу поголем простор, иако на 8 Март имам закажан концерт во Арена.
Нека помине концертот, па ќе размислувам што понатаму.
Колку ве оттргнуваат од семејството музиката, снимањата, концертите? Имате ли доволно време за нив?
Јас сите овие години балансирам. Се навикнаа и тие, а се навикнав и јас. И нема веќе лутина, тоа е просто така.
Децата се веќе големи, си одат тие по својот пат. Веќе не сакаат да поминуваат време со родителите колку што поминуваа кога беа помали. Постарата ќерка веќе има 21 година, помладата има 17.
Го наследија ли ќерките вашиот музички талент? Дали некоја од нив пее?
Не, ни едната ни другата. Тоа никогаш не им била ни желба, а и двете се кријат од медиумите колку што можат.
Мислам дека е тоа добро - ако веќе не се занимаваат со јавна работа, тогаш сметам дека се во право што не сакаат да се експонираат.
Кога одиме некаде каде што има новинари, ми велат: „Тато, па има ли некој друг влез, да дојдеме од страна?“, а јас на шега им велам единствено да се спуштат со хеликоптер, ха, ха.
Никогаш не биле амбициозни во однос на музиката. Постарата студира економија, помалата допрва треба да реши со што ќе се занимава.
Од друга страна, дали им ги пуштате своите песни пред да ги издадете или пред да ги снимите? Дали ви се поддршка или критичари?
Па, тие се и едното и другото. Јас секогаш им пуштам да слушнат што ми се нуди.
Се сеќавам, пред некоја години Јала Брат и Буба Корели ми предложија да снимиме песна. Ми ја дадоа демо снимката и си помислив дека е супер, ајде да пробам нешто ново, модерно.
Но, кога отидов кај нив во Сараево и ја испеав песната, ги одбив и им реков „Момци, да не губиме време ни вие ни јас. Фала ви другари, ама ова не е за мене“.
Инаку, таа демо-снимка прво им ја пуштив на ќерките, а тие ми рекоа: „Тато, ни случајно“.
А сега, на пример за последниот дует со Маја Беровиќ ми кажаа дека „тоа е тоа“.
Тие имаат свој став и не се плашат да го кажат тоа што го мислат. Па не само тие две, туку и целата нивна генерација.
Се случува да снимам нешто и на гости дома да ни е нивното друштво, па им пуштам и на нив да чујат што работам. Сакам да знам како реагираат на новата песна.
И мора да признаам, кога ќе им дојдат другарките и другарите, особено кога сме сами, односно кога сопругата не е дома, е тогаш кај нас дома се прави вистинска журка.
„Рузмарин“ е и денес песна без која не може да помине некоја свадба, не само во Србија, туку и кај нас и во целиот регион. Таа е на некој начин ваша „лична карта“. Но, дали ја доживувате и вие така?
Тоа е навистина весела песна, за играње, ама, па, текстот воопшто не е соодветен за да се пее на свадба.
Добар е само оној дел „рузмарин носим на реверу“, ама ако се задлабочите во текстот ќе сфатите дека не е нималку позитивна.
Слично е и со хитот на покојниот Луис, „Клетва“. Се сеќавам, кога бев млад и кога свирев по свадби, почнуваа да креваат раце и да пеат „Звоне звона свадбена“, и сите нешто „вау“, па „паѓаат во несвест“, а во песната е опишано најлошото и најцрното што може да им се случи на младенците.
Затоа многу внимавам каде пеам и што пеам.
Се сеќавам, свирев на забава за полнолетство на едно момче, беше весело, вистинска фешта, баш си поминавме преубаво и јас и гостите.
Но, мајката од славеникот цело време доаѓаше и ми бараше да ѝ ја испеам „Мило моје“. А јас ѝ велев дека не може.
Дојде неколку пати, и не се скаравме, ама јас на крајот и малку дрско ѝ одговорив дека нема да ја пеам.
Кога заврши прославата, доаѓа мајката и ми вели: „Те обожаваме, фала ти, ама уште само да ми ја испееше песната… Зошто не сакаше?“
„А како да ја пеам? На вашиот син му славите 18-ти роденден, а песната вели: „На мени бела кошуља, одело, ово вече моје је опело“. Па како да ја пеам?“
На тоа ми кажа дека сега ме сака уште повеќе.
Тоа е она кога луѓето не размислуваат за текстот, туку ги носи музиката, а јас водам сметка за тоа.
Како го поминувате слободното време, кога не сте посветен на музиката?
Јас кога работам – работам. Но, кога не работам, тогаш сум еден голем хедонист.
Па сакам кога е лето, да отидам на море, на брод, а преку зима да се опуштам во некој спа-центар, во некој базен или во сауна.
Сакам да се дружам со пријателите, да се напијам чаша добро вино…
Во последно време имам своја мала оаза, куќичка во близина на Ваљево, па таму одам и компонирам.
Тука ги создадов „Море туге“, „100 дуката“ за Здравко Чолиќ и уште некои други убави песни.
Баш бев вреден додека траеше короната, кога не можев да пеам, па му се посветив на компонирањето и тоа го правев токму таму.
Не е тајна дека сте голем хуманитарец, иако не сакате да зборувате многу за тоа. Но, дали се чувствувате убаво кога знаете дека на некои луѓе сте им го подобриле секојдневието, барем малку?
Да, апсолутно. Тоа за мене е малку, а за нив може да значи многу, особено кога се во прашање децата.
По првиот концерт во Белградска арена, отидов во болницата Тиршова, каде се лекуваат деца болни од рак, па донирав клими, паравани за во просториите кај што примаат терапија и некои други работи.
По она што го доживеав во детската болница, ми требаа добри 3-4 дена да се опоравам, тоа не е воопшто лесно.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело / фото: Инстаграм