Вирџинија од Скопје е девојка со уникатен моден стил – шарени стајлинзи, сина коса и нокти во сите бои (фото)
Имам работено како менаџер на моден бренд повеќе од 8 години, што за шопингхоличарка како мене не знам колку беше паметна идеја, затоа што резултатот е преполни плакари, иако редовно правам чистка на сè она што не носам.
Мојот моден идол Ајрис Апфел еднаш има изјавено дека: „Бојата може да ги крене мртвите од постела“ и апсолутно се согласувам со неа. Бојата привлекува, бојата расположува, бојата прави човек да се чувствува подобро.
Сите сме среќни на пролет кога сè е колоритно, а малку депресивни доцна есен кога сè околу нас е сиво.
Јас решив да не дозволам да ми биде сиво во ниту еден период од годината и тоа го надополнувам со колоритните аутфити што ги носам - не за да привлечам внимание, туку за мое лично задоволство и расположение.
За жал, Скопје како град е западнат во некое сивило генерално и сè повеќе луѓето се облекуваат во црно-бели или беж комбинации, наликувајќи еден на друг што за мене е убиствено и ми изгледа како да сакаат да потонат во масата.
Целиот тој „nude girl“ концепт никогаш ниту го разбрав, ниту ќе го разберам - тоа едноставно не сум јас и не ми одговара на карактерот.
Сметам дека е побитно да се има свој уникатен препознатлив стил, отколку слепо да се пратат модните трендови, затоа што како човек се носи кажува многу за него и за неговиот карактер - модата отсекогаш била и ќе биде уметност.
На самиот момент на правење модни комбинации јас гледам како на креирање на уметничко дело.