Симона од Штип e книгољубец, со повеќе од 350 наслови во домашната библиотека: „Сара Џио е мојата омилена авторка“
- Детали
- недела, 16 февруари 2025
Симона Мано (35) од Штип е мајка на две деца, под 3-годишна возраст, но тоа не ја спречува да пронајде време за својата најголема страст - читањето. „Голем дел од моите пријатели константно ме прашуваат 'Како успеваш да читаш толку многу?' и понекогаш и јас самата на себе се чудам“, вели таа за CRNOBELO.com.
Симона Мано (35) од Штип е вљубеничка во читањето и мајка на две мали деца, Марко (3) и Петра (1), коишто вели дека секојдневно ѝ помагаат околу „уредувањето“ на нејзините полици со книги.
По професија е дигитален маркетер и има книжевен профил на Инстаграм (books_bys), каде што ја пренесува нејзината љубов кон книгите.
Вели дека овој профил ѝ е релаксација и благодарение на него стекнала многу нови пријатели, со кои се дружи и приватно.
Симона вели: „Најмногу што сакам да правам во слободното време кое го имам сè помалку, поради домашните обврски и децата, е да читам и сега за сега - добро ми оди“.
Симона за љубовта кон книгите споделува за CRNOBELO.com:
Колку книги брои твојата колекција?
Одамна не сум правела евиденција за тоа колку вкупно книги имам дома, затоа што тоа воопшто не ми е важно, но знам дека секоја полица ми е исполнета со приказни коишто ме обликуваат на различни начини.
Има нешто магично во тоа да се има домашна библиотека - прави просторот да се чувствува личен, бидејќи секоја книга е дел од моето патување.
Последниот пат кога ги броев беше минатата година и тогаш имав повеќе од 350 наслови, но сепак слободно можам да кажам дека полнењето на полиците со нови наслови продолжува и немам планови за забавување во скоро време.
Сите коишто ме познаваат знаат дека Симона е зависник од купување книги.
Колку од нив имаш прочитано?
Искрено, тешко е да се каже точната бројка, но ајде ќе кажам процентуално колку книги имам прочитано од она што го имам дома.
Околу 70%, додека останатиот дел на непрочитани кои се „трупат“ секојдневно, нестрпливо чекаат да бидат прочитани.
Има нешто навистина магично во тоа да завршите книга и да знаете дека штотуку сте живееле во еден сосема нов свет, перспектива или патување.
Она што најмногу го сакам во читањето е тоа што секогаш има нешто повеќе да се открие. Секоја свртена страница е уште едно поглавје во мојата лична приказна, и јас сум многу благодарна за секоја книга што сум ја прочитала досега.
Колку часа на ден или неделно одвојуваш за читање? Пред спиење, наутро или …?
Сè зависно од тоа каков е денот. Има денови кога имам повеќе слободно време и читам многу повеќе, но има денови кога немам воопшто време.
Но, најчесто читам навечер откако ќе ги заспијам децата.
Со оглед на тоа што сум мајка на две мали деца кои си бараат внимание, игра итн., јас сум благодарна што успевам некако да си го организирам времето и да читам што повеќе.
Голем дел од моите пријатели константно ме прашуваат „како успеваш да читаш толку многу?“ и понекогаш и јас самата на себе се чудам, но време има за сè, верувајте.
Откако ќе ги заспијам децата јас читам до 1-2 часот по полноќ и тоа е време само за мене кое го користам максимално. Открив дека дури и ако не можам да посветувам часови во читање, солидните 30 минути до еден час читање може да бидат неверојатно освежувачки и релаксирачки.
Каде ги чуваш? Ти зафаќаат ли многу простор во домот и колку често им бришеш прашина?
Кога станува збор за тоа каде ги чувам моите книги, одговорот е речиси насекаде. Мојот дом е практично лавиринт од полици.
Пред да се родат децата, книгите ми беа во дневната соба на полиците, но откако се родија веднаш ги преместив, бидејќи ќерка ми почна да си игра со нив, а знаете каква е играта на едногодишно дете, нели?
Па, затоа си направив нови полици на книги во спалната соба и таму ги сместив сите оние кои ми се омилени, нови, прочитани итн., додека останатиот дел ми се сместени буквално насекаде.
По фиоки, ормари, на земја складирани во кутии… Има нешто утешно во овој хаос од книги, а тоа е кога знаеш дека без разлика каде си, никогаш не си премногу далеку од нова приказна.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





