Маја Кикириткова за родниот град: „Во Штип како дете по цел ден бев надвор со сендвичот, а најмногу го сакам Исарот“
- Детали
- среда, 02 октомври 2024
„Во моите сеќавања Штип е многу поразличен од тоа што е денес. Додека јас живеев во него, беше мало место, каде сите се познаваа. Во маало правевме театарски претстави, каде доаѓаа луѓе да нè гледаат и плаќаа по 10 денари влезница“, вели дизајнерката Маја Кикириткова во серијалот „За мојот роден град“ за CRNOBELO.com.
Маја Кикириткова е родена во Штип и иако од 27-годишна возраст Скопје ѝ станал дом, таа секогаш со радост се враќа во родното огниште.
Вели дека нејзиниот роден град има посебна магија и дека оттаму ги носи најубавите спомени од детството.
За CRNOBELO.com таа открива зошто го обожава Штип:
„Во мојот роден град Штип живеев до завршување на средно училиште.
Потоа за време на студиите, 4 години живеев во Белград, за пак да се вратам во Штип и на мои 27 години работата да ме донесе во Скопје и овде и да останам.
Во моите сеќавања Штип е многу поразличен од тоа што е денес.
Додека јас живеев во него, беше мало место, каде сите се познаваа. Имаше многу убав ноќен живот, многу дружби на улица.
Како деца, по цели денови бевме надвор со парчето леб или домашниот сендвич во рака. Игравме најразлични игри.
Во маало правевме театарски претстави, каде доаѓаа луѓе да нè гледаат и плаќаа по 10 денари влезница.
Наоѓавме и спонзори, кои ни даваа некоја симболична сума на пари, за да можеме да купиме некои работи кои ни беа потребни за претставите.
Често со другарките рачно шиевме облека, па имавме и модни ревии. Нема да го заборавам мојот дизајн направен од кеси од прашок за перење облека.