Симона од Штип e книгољубец, со повеќе од 350 наслови во домашната библиотека: „Сара Џио е мојата омилена авторка“
Дали позајмуваш книги и дали ти ги враќаат?
Најискрено, не сакам да позајмувам книги, затоа што ми се случувало да не ми се врати книгата назад или да ми ја вратат оштетена, а болката е голема кога ќе видам оштетена книга.
Сега за сега, позајмувам книги само на една моја пријателка на која потполно ѝ верувам и знам дека книгата ќе ми ја врати назад во истата состојба како што ја земала.
Можеби ова ќе звучи себично од моја страна, но навистина ниту сакам да позајмувам книги, ниту пак да позајмам од некој. А, и воопшто не сум фан на читање книги од библиотека, бидејќи сакам книгата да ми стои дома на полици.
Во последно време разменувам книги со читатели и можам да кажам дека ова е одличен начин да ја одржам мојата листа за читање свежа.
Која ти е првата книга од колекцијата, која омилената, а која последната купена?
Има нешто толку возбудливо во купувањето на вашата прва книга. Чувството да го носите дома, желни да започнете да го читате и да знаете дека секогаш ќе биде дел од вашата полица за книги е чиста магија!
Сè уште се сеќавам на денот кога си ја купив првата книга, книгата од Пауло Коелјо „Единаесет минути“. Тоа беше некаде пред 15 години и сè уште се сеќавам на приказната за Бразилката Марија која во потрага за среќа стана проститутка.
„Единаесет минути“ е одличен роман кој се чита во еден здив и секогаш ќе го препорачувам на сите читатели. Книга во која главната тема е љубовта и страста, а зошто книгата се вика „Единаесет минути“ ќе ве оставам да ја прочитате и да откриете сами.
На прашањето која ми е омилената книга, не знам како да ви одговорам, затоа што имам многу омилени книги од различни жанрови.
На пример, од жанрот трилер кој ми е омилен жанр за читање омилена книга ми е „Алекс“ од Пјер Леметр.
Од жанрот драма омилена книга ми е „Зима со мирис на капини“ од Сара Џио.
Од жанрот романса омилена книга ми е „Поканата“ од Вај Киленд.
Од жанрот чик литература омилена книга ми е „Совршена недомаќинка“ од Софи Кинсела.
Од жанрот историска драма омилена книга ми е „Ленинградска зима“ од Кристин Хана.
Едвај успеав да ги издвојам омилените! А, последната книга којашто си ја купив е книгата од турската авторка Елиф Шафак „Трите ќерки на Ева“.
По кој критериум ги подредуваш книгите?
На моите полици книгите се секогаш подредени по издавачки куќи и жанрови. Така ми е најлесно да си ја најдам книгата којашто ја барам.
Имам и една полица на која ми се подредени сите книги од српска и англиска литература, бидејќи во последно време читам многу книги на српски јазик и на англиски, затоа што имаат многу добар превод и имаат преубави корици, а јас сум фан на убава корица.
А, тука е и полицата со „случаен асортиман“, каде што завршува секоја книга што не одговара на друго место, создавајќи прекрасен куп приказни кои чекаат повторно да се откријат.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





