Бојан од Скопје со македонско знаме на грб пешачи 3.000km во Нов Зеланд: „Преспивам во шатори, поминувам 35km дневно“
- Детали
- четврток, 02 јануари 2025
„Мојот план е да ја поминам цела патека, потребни се околу 100 дена за тоа. Има секакви непланирани работи по пат – плускавци на нозе, изгореници од сонце, промена на рута заради непредвидлив терен, реки, шуми, надојдена вода, но важна е психата“ - раскажува за CRNOBELO.com Бојан од Скопје, кој 5 години живее во Нов Зеланд, а моментално пешачи по патека долга 3.000 километри.
Бојан Мишевски (28) од Скопје 5 години живее во Нов Зеланд, каде работел во повеќе дејности, меѓу кои работа на висина, во градежништво, угостителство и монтажа на сценска опрема, а моментално е невработен.
Тој е вљубеник во природата, пешачењето и велосипедизмот, а од 22 декември замина на необичен подвиг, односно пешачење на најдолгата и најпознатата патека во Нов Зеланд, Te Araroa, која е долга 3.040 километри.
Со голем ранец на грбот, на кој гордо го носи македонското знаме покрај новозеландското, скопјанецот дневно поминува во просек по 35 километри, односно околу 40.000 до 80.000 чекори.
Додека правеше пауза од пешачење, тој одвои време да ни одговори на неколку прашања и да сподели како се одлучил на овој подвиг, како се справува со предизвиците, каква е патеката и низ каков терен минува и какви му се очекувањата.
Во продолжение целосната изјава од Бојан за CRNOBELO.com:
„За оваа патека дознав пред повеќе од три години. Кога бев слободен го користев времето за шетање (пешачење и велосипед) повеќе во природа, бидејќи една од најубавите работи што може да понуди Нов Зеланд е недопрената природа.
Ја сакам природата и со пешачење успеав да поминам поголем дел од патеките и планините (повеќе се вулкански планини) на северниот остров. При пребарување на други помали патеки, ја открив оваа позната и најдолга патека во цела должина на Нов Зеланд.
Тој период ми изгледаше како голем предизвик, а и временски бев ограничен бидејќи морав да работам (од финансиска гледна точка и бев на работна виза). Оваа година се сменија многу околности (планови) и одлучив да напуштам работа и да почнам да размислувам за овој подвиг, мислејќи дека сега ми е на некој начин шансата да го направам ова.
Искрено за планирање на подолг период не ме бидува, планирам и одлучувам во последен момент. Нешто што веќе имав од опрема ја искористив и докупив некои нови работи. И пријателите ми помогнаа со превоз да ме однесат до најсеверната точка на Нов Зеланд (и да ме остават таму).
За патеката има веб страница на која треба да се пријавиш (од безбедносни причини), а се плаќа симболична сума и можеш да купиш Trail pass кој опфаќа голем број кампови и планинарски куќи.
Ти требаат и дополнителни средства за храна, пијалак и сместување, бидејќи на некои места се приватни кампови кон не се вклучени во trail pass-от.
Што се однесува до тоа дали има некакви правила, не сум сигурен, мислам дека би можело секој кога сака да ја изоди патеката, но нивната препорака е од октомври до мај повеќе за јужниот остров, бидејќи има снег и нивото на водите е поголемо.
На подвигот сум сам, немам тим со мене. Но во случај на незгода би контактирал некој пријател или служби што се задолжени за тоа. Бидејќи живеев тука, имам доста пријатели кои би ми помогнале ако би ми затребало помош.
Патеката е долга 3.040 километри, во текот на пешачењето поминуваш многу дополнителни километри за сместување или надополнување за намирници. Исто има и алтернативни патишта во случај во моментот да не е безбедно да се помине тој дел (пример заради некоја река или надојдена вода).