Златко Јовановски предизвика измешани реакции: „Не е секој создаден за родител, но би сакал да имам дете на 40+ години“
- Детали
- вторник, 14 јануари 2025
„Јас денес да имам дете, тоа дете мене би ми било пречка во остварувањето на мојот бизнис план“, вели нашиот дизајнер, кој предизвика реакции со својата изјава дека не се сите луѓе создадени за родители и одговорноста што оди со тоа, но потоа дообјасни: „Ги сакам децата, ама ако некој не е подготвен – не треба децата да трпат тортура!“
Модниот дизајнер Златко Јовановски, познат како ЈЗЈ, предизвика големи реакции во јавноста (и позитивни и негативни), откако на Инстаграм се појави видео во кое тој вели дека „не сме сите создадени да бидеме родители“.
Оваа негова изјава е најава за интервјуто на Златко во емисијата Backstage, а во неа, нашиот дизајнер со светска кариера, вели:
„Сигурно сега ќе имам хејтери, но јас денеска да имам дете, тоа дете мене би ми било пречка во остварувањето на мојот бизнис план.
Не е чудо и не е срамота ако вие не сакате да имате дете, затоа што не сите ние сме создадени да бидеме родители на овој свет, како што не сме сите создадени да бидеме богати, ни популарни или убави. Што е - тука е!“
Па, на прашањето: „За што е создаден Златко?“ тој одговара: „Да светка и сјае со неговата круна во цел свет“.
По ова, Златко се соочи со бројни негативни коментари на негова сметка, но имаше и такви кои го пофалија за неговиот зрел начин на размислување.
Токму затоа, дизајнерот реши да го дообјасни тоа што го мислел, па објави порака на Инстаграм Стори.
Во неа, Златко вели:
„Ете ги пак хејтерите... истите тие што на Игор Џамбазов му ставаа лајкови и му пишуваа „Браво“ на неговото прашање: „Луѓе кој ве научи толку многу да мразите?“
Ете се тие во улога да мразат, само едно видео после тоа.
Јас не им се лутам... ниту, пак, мислам дека грешат. Нивно право - нивен избор. Не им се свиѓам... тоа е! Јас сум среќен што на Vogue му се свиѓам. Доста е за мене. Овие овде ако не се сложуваат со мене, океј е. Тамам!
Но, јас пак ќе го кажам истото. Јас не мислам дека секој од нас е создаден физички и психички да биде родител. Не секој е способен за таа голема одговорност. Не на секој од нас Господ му дава да биде родител...
Друго, многу успешни луѓе на светов или не се родители или се решаваат да бидат родители во зрели години 40+ (искрено и јас би сакал така да биде случајот со мене, здравје...) зашто дотогаш се максимално посветени на кариера и работа.
Трето, дали вие знаете колку деца, за жал, се во дом со родители коишто се караат, тепаат и трпат насилство? Дали мислите дека тие родители се добри родители?
Дали знаете колку бракови се склопени само зашто жената останала непланирано трудна, а не од љубов?
Дали знаете колку деца денеска растат со баба и дедо, последица на тоа што денешните млади родители не сакаат да имаат обврски и сакаат да го продолжат својот стар начин на живот?
Ако не сакате да имате деца, ако мислите дека не е вистинско време за деца - немојте да имате деца!
Не заради вас - греота за тоа дете што ќе биде несреќно. Децата не се ни криви ни должни за ништо!
И да, јас ги сакам децата и сметам дека децата се светлоста и смеата на Земјата. Ама децата не треба да трпат тортура - тие не се криви за ништо!
Децата не барале да бидат родени, вие почитувани родители сте решиле на свет да ги донесете. Затоа чувајте ги и воспитувајте ги да бидат луѓе со вистински вредности, без злоба, фрустрации и хејт во нив!
Научете ги сите да ги сакаат и секого да го почитуваат.
П.С. Јас им се восхитувам на одличните и посветени родители! За вас ордени! Браво за вас!
Погледнете го видеото:
А. Ј. | Црнобело