Македонски автори и светски класици - Книги по препорака од нашите инфлуенсери
Кои им се омилени книги на нашите инфлуенсери? Едни избираат дела од домашни автори, други ги сакаат светските класици... Погледнете го изборот на Миа Костова, Илариа Кирилов, Александар Динев, Марис, Александра Шијакоска, како и на Стефан Лазаров.
„Која ти е омилена книга?“ е едно од прашањата во рубриката CRNOBELO лексикон, а каде нашите познати личности откриваат што читаат и кои наслови им оставиле најголем впечаток.
Во продолжение издвојуваме неколку книги од нивниот избор и топло ви ги препорачуваме да ги прочитате (ако не сте ги прочитале досега).
Кои се омилените книги на нашите инфлуенсери?
Александра Шијакоска - „Пиреј“ од Петре М. Андреевски
За Александра Шијакоска - Весели, првиот роман на Петре М. Андреевски, „Пиреј“ е најубавата напишана книга, а неа ѝ е омилена.
Насловот на романот е симболичен, односно преку пирејот, авторот го прикажува својот непокорлив народ.
Темата е животот на двајца сопружници, Јон и Велика, и нивните страдања за време на војните, со порака дека Македонецот опстојувал и ќе опстојува.
Дејствието се случува во Првата светска војна, но и во годините пред и по неа, во селото на Јон и Велика, каде во тоа време биле стационирани многу војски – српски, бугарски, француски, англиски, германски и австриски, но војниците биле најмногу од Македонија.
Фабулата е предадена преку три главни линии.
Првата е раскажувањето на Дуко Вендија (само од првата и последната глава), а другите две по 14 делови кои ги раскажуваат Јон и Велика во прво лице, односно од свој агол, го раскажуваат сопствениот живот.
Стефан Лазаров - „Гол човек“ од Игор Џамбазов
Стефан Лазаров, првиот соговорник во нашиот лексикон, ја одвои книгата „Гол човек“ од Игор Џамбазов како негова омилена.
Според многумина, „Гол човек“ е најверојатно најконтроверзната книга на Џамбазов, каде тој искрено и без лажен срам, до гола кожа го соголува својот приватен живот и се прикажува во својата вистинска, човечка светлина - со сите добри и лоши страни.
„Напишана со отворено срце и остар јазик, во ‘Гол човек’ ќе се препознаеме сите ние, неговите современици“ - пишува во сижето на книгата.
Марија Илиева - Марис - „Атомски навики“ од Џејмс Клир
Инфлуенсерката Марија Илиев, позната како Марис, има две омилени книги, а една од нив е „Атомски навики“ - психолошка книга која ќе го смени начинот на кој размислувате за успехот и напредокот.
„Дали тешко ги менувате своите навики? Ако е така, проблемот не сте вие. Проблемот е во вашиот систем.
Лошите навики се повторуваат одново и одново, не затоа што вие не сакате да се промените, туку затоа што имате погрешен систем за промена.
Со оваа книга ќе научите како да најдете време за нови навики; да го надминете недостигот на мотивација и на волја; да ја промените својата околина за да бидете поуспешни; да се вратите на патот кога ќе скршнете од курсот...“ - пишува во описот на книгата.