3 книги од Сара Џио поради кои ќе посакате (повторно) да се вљубите
Љубовна приказна од минатото која се преплетува со сегашноста, тајни писма, дамнешна љубов која влијае на сегашната - овие три книги со интересна содржина ќе ви го задржат вниманието.
Американката Сара Џио е автор на осум бестселери според New York Times и USA Today.
Оваа поранешна новинарка, на многу лесен и мајсторски начин ги раскажува своите љубовни приказни, ги креира ликовите во кои читателот се вљубува веднаш.
Токму затоа, овој пат ви предлагаме три книги со љубовна тематика поради кои ќе посакате да почувствувате пеперутки во стомакот и нова љубовна возбуда (дури и да сте вљубени).
Кои книги од Сара Џио можете да ги прочитате?
„Улица на бродовите“
На езерото Јунион во Сиетл, постои нешто што се нарекува „Улицата на бродовите“.
Тоа е место каде што се наоѓаат многу пловни куќи, а се живее уникатен, мирен и романтичен живот на вода.
На самиот крај на доковите, осамена стои пловна куќа, чија надворешна убавина лаже.
Во педесеттите години, во неа се вселува Пени, млада невеста на познатиот сликар Декстер Вентворт.
Таа мечтае за исполнет и среќен живот како муза на успешниот локален уметник, кого го очекува светска слава.
Денес, Ада Санторини случајно завршува на истата пловна куќа, со надеж дека нејзиното нежно лулање на езерото ќе ја намали болката по личната трагедија поради која бега од Њујорк.
Кога се сместува во куќата, Ада наоѓа стар ковчег полн со спомени од една силна љубовна афера.
Соседите на Пени, од некоја причина, не сакаат да откриваат многу за минатото, но јасно е дека ја сакале убавата и мистериозна жена.
Како новинар, Ада насетува интересна приказна и почнува да истражува.
„Додека има ѕвезди на небото“
Кејли ужива во романтична вечера со својот свршеник во еден од најубавите ресторани во Сиетл, и не може да поверува колку е среќна - има одлична работа како новинарка и е свршена со совршен маж.
На заминување од ресторанот, Кејли забележува слаб, забраден бездомник на тротоарот - му приоѓа за да му ја даде кесата со нивната преостаната храна, но се вкопува во место кога ќе му го сретне погледот.
Шокирана и страшно потресена, таа сфаќа дека бездомникот е љубовта на нејзиниот живот, Кејд.
Кога се запознале пред десет години, привлечноста помеѓу нив била неверојатна, но како што нивната врска почнала набрзина, така и завршила.
Кејд денес е бледа верзија од нејзиниот поранешен сакан. Лицето му е уморно, но сѐ уште убаво, иако умот му настрадал во тешките години.
Кејли не сака да се откаже од него и му помага на Кејд да почне да ги составува делчињата од сложувалката, иако на почетокот го крие тоа од својот свршеник.
Но како се навраќа на старата врска, Кејли почнува да сфаќа дека мора да одлучи точно што сака и кого сака.
„Добра ноќ Џун“
Во книгата „Добра ноќ, Џун“, Сара Џио раскажува своја имагинарна верзија на приказната која е инспирација за детскиот класик „Добра ноќ, месечино“, а чие вистинско потекло е загубено низ историјата.
Во романот на Џио, Џун Андерсен е успешна на професионално поле, но многу несреќна во приватниот живот.
Неочекувано ја повикуваат да присуствува на читањето на тестаментот на нејзината почината тетка Руби, а Џун треба да донесе одлука што ќе се случува со детската книжарница „Сината птица“, која тетка ѝ ја основала во четириесеттите години.
Помеѓу документацијата во книжарницата, Џун наоѓа писма кои ги пишувала Руби и зачекорува во еден нов свет.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





