3 книги што не би ѝ дозволила на ќерка ми да ги чита (додека е тинејџерка)

Кои 3 книги воопшто немаат наивна содржина и не би сакала да ги видам во мојот дом додека ќерка ми сè уште е тинејџерка?

3-knigi-shto-ne-bi-i-dozvolila-na-kjerka-mi-da-gi-chita-dodeka-e-tinejdjerka-01.jpg

Читам многу. Читам сè и сешто, но постојат неколку книги вбројани во категоријата „книги за млади“ што не би ѝ дозволила на ќерка ми да ги чита. Зошто?

Под влијание на американскиот пазар и кај нас сè почесто се следи тенденцијата одредени книги да се ставаат во категориите „книги за млади“ или книги наменети за лица од 16 до 18 години, но се чини дека во последните неколку години таа граница се поместува.

Експлицитни секс сцени, сцени со насилство, булинг… Ова се само некои од темите што се застапени во голем број од книгите од т.н. Њујорк Тајмс Бестселери што се промовираат и на нашите простори, а се лесно достапни како за повозрасната, така и за помладата публика.

Да се разбереме, јас немам ништо против ваквите книги, затоа што сум свесна дека тоа е еден фиктивен свет, во кој важат правилата на ’тој свет‘, но разликата е во тоа што јас имам 37 години, изградени ставови и сфаќања и знам што сакам и што не сакам во животот.

Сега кога ќе се присетам на периодот кога имав 18 години, сфаќам колку сум сметала дека сум возрасна и дека знам што правам, но факт е дека сум била дете.

Во продолжение издвојувам книги, што според мене, не би ѝ дозволила на ќерка ми да ги чита во тинејџерските години.

Зошто? Нема да навлегувам во начинот на којшто се пишувани, ниту пак во сиромашниот јазик…

Само ќе нагласам дека не ми се допаѓа тоа за што зборуваат и сметам дека можат да создадат лажна слика во главата на сè уште неразвиениот карактер на младинците.

Кои книги би ги издвоила овде?

„Панк 57“ – Пенелопи Даглас

Оваа книга најверојатно влегла во категоријата „книги за млади“ само затоа што главните протагонисти се средношколци, но тематиката за која зборува воопшто не е наивна.

Да, може да биде забавно и интересно четиво за повозрасните читатели, но не и за младинците.

Приказната се врзува за Миша и Рајан, деца кои сосема случајно почнуваат да се допишуваат уште во седмо одделение, но кога ќе се запознаат следува разочарување.

Иако книгата има среќен крај, не ми се допаѓаат сцените со врсничко насилство, тоа што Рајан (девојката) ќе го преживее од Миша, начинот на којшто тој ја третира и ја злоупотребува.

Да, книгата е забавна да ја прочиташ од перспектива на 30-годишен читател и да сфатиш колку многу созреваш во тие 20-тина години (и преку кои граници на тие години нема да поминеш), но воопшто не е во ред да ја дадеш на тинејџер да ја чита.

3-knigi-shto-ne-bi-i-dozvolila-na-kjerka-mi-da-gi-chita-dodeka-e-tinejdjerka-02.jpg

„Изопачена љубов“ – Ана Хуанг

Приказна за забранетата љубов на Алекс и Ава, во никој случај не е наменета за читатели под 18 години.

Алекс Волков не е класичен херој, а дејствието во книгата не е класична романса, туку изопачена љубов, со експлицитни секс сцени, псуење, говор на омраза и насилство.

Возраста на читателите е дискутабилна, пред сè затоа што станува збор за т.н. „темна романса“, која не е наменета за оние со слабо срце, а уште помалку за млади читатели кои својата совршена љубов се трудат да ја препознаат во книжевните херои за кои читаат.

Уште една книга што не би сакала да ја видам во рацете на моето дете сè додека не влезе во 20-тите години од животот.

3-knigi-shto-ne-bi-i-dozvolila-na-kjerka-mi-da-gi-chita-dodeka-e-tinejdjerka-03.jpg

„Љубовни лекции“ – Џеклин Вилсон

Вистина е дека љубовта не познава граници и дека годините понекогаш не се важни, но не можам да разберам зошто би било добро младите да читаат за љубовна врска меѓу професор и ученичка и во кои околности таквата врска би можела да биде оправдана?

Приказната се врзува за 14-годишната Пру и нејзината сестра Грејс кои цел живот биле образувани дома од нивниот строг татко.

Но, откако татко ѝ ќе добие мозочен удар, Пру за првпат ќе почувствува што значи да се има малку слобода.

Таа за првпат почнува да оди во училиште, каде се вљубува во нејзиниот млад и згоден професор по уметност Ракс.

Книгава можеби е добра и поучна за родителите, но во никој случај не би ја препорачала за млади тинејџери.

3-knigi-shto-ne-bi-i-dozvolila-na-kjerka-mi-da-gi-chita-dodeka-e-tinejdjerka-04.jpg

Што мислите вие? Водиме ли грижа што читаат нашите деца, или понекогаш само се радуваше што воопшто земале книга во рака?

Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Три книги за романтични души Постојат ликови во кои ќе се заљубите на прво читање и ќе ви бидат омилени уште ...
3 романи за роматични души што ќе ве разнежнат пред Валентајн Во пресрет на Денот на вљубените, зошто да не прочитате еден, или можеби сите тр...
Три кралски приказни: Книги кои ќе ги прочитате за еден викенд Од робинка до кралица, тајна руска агентка во времето на Распутин, жена што се п...
3 книги што ќе ви донесат духовно богатство (и мирен ум) Читате ли книги за самопомош и просветлување? Сакате ли да ги следите светските ...
3 предлог книги за романтични души (нема да ви дадат сон додека не ги довршите) Ако сте романтичари во душа, кои веруваат во тоа дека вистинската љубов секогаш ...
3 романи што (целосно) ќе ви го сменат погледот кон светот Работите не се такви како што изгледаат на интернет. Навидум невидливиот живот н...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg