3 забавни книги, на попуст, кои може да ги прочитате ова лето
Под мотото „Земи здив и нурни во добра книга“, издавачката куќа Арс Ламина нуди многу од своите романи на попуст, а ние избравме три, кои, веруваме ќе ви се допаднат.
Летните попусти во книжарниците ширум земјава почнаа неодамна, а за љубителите на убавиот пишан збор избравме три книги кои ем може да ги купите по намалена цена, ем да ги читате додека се опуштате на плажа.
„Последната годишнина“, Лијан Моријарти
Оваа книга е драматична, но интересна мистерија за жените кои сакаат да избегаат од навидум совршениот живот.
Главниот лик, Софи Ханивел, долго време се прашувала дали згрешила кога го оставила Томас Гордон.
Иако бил совршен маж, на денот кога ја запросил, Софи решила да го одбие и му го скршила срцето.
Една година подоцна, тој повторно влегува во нејзиниот живот за да ја извести дека наследила куќа на островот Скрибли Гам.
Софи се сели на островот и запознава многу интересни личности, но дознава и голема тајна од дамнешното минато, што на многумина би можела да им ги смени животите од корен.
„Седумте мажи на Евелин Хуго“, Тејлор Џенкинс Рејд
Романот од 2017 година, ја раскажува приказната за измислената холивудска ѕвезда Евелин Хуго, која на 79 години го дава своето последно интервју на непознатата новинарка Моник Грант.
Евелин е повлечена поранешна холивудска ѕвезда, која објавува дека на аукција ќе се продава нејзината колекција фустани.
Аукцијата ја организира за да собере пари за добротворна организација, која се бори против ракот на дојката.
Пред аукцијата, Евелин инсистира да ѝ даде интервју на Моник Грант, иако таа е непозната новинарка.
Но, на нивната средба, Евелин открива дека не е заинтересирана да даде интервју за списанието, туку сака Моник да ја напише нејзината биографија.
Книгата е поделена на седум делови, сите именувани според имињата на сопрузите на Евелин, за да го опише нејзиниот живот за време на браковите и аферите што ги доживеала.
Овој роман е делумно заснован на животот на актерките Елизабет Тејлор, која имала осум бракови со седум различни мажи и Ава Гарднер, која му ги открила тајните на нејзиниот живот на еден новинар, а кој потоа ги објавил во книгата „Ава Гарднер: Тајните разговори“.
„Градината на олеандрите“, Роза Вентрела
Оваа книга е семејна сага за испреплетените судбини на четири храбри и уникатни жени и мирисот на волшебната земја, Апулија.
Во градината на една куќа во Карбонара, цвета олеандер.
Го насадил Агостино, кога се преселил таму со неговата сопруга Анита, жена со ретка и мистична убавина, која има моќ да ги смири болките кај новороденчињата, но и која знае како да отстранува клетви.
Парот има три ќерки: Розета, Корнелија и Дијаманте. Првата е убава и дива како мајка си, втората има коса со боја на мед и светли, продорни очи како нејзиниот татко, а најмалата ќерка, Дијаманте е полничка, со виткана и нескротлива коса, многу своеглава.
Анита станува сведок на смртта на нејзиниот сопруг, на почеток на војна и на созревањето на нејзините ќерки, ги теши во нивните несреќни љубови, горчливи страсти и горчливи разочарувања.
А. Ј. | Црнобело