3 романи што (целосно) ќе ви го сменат погледот кон светот

Работите не се такви како што изгледаат на интернет. Навидум невидливиот живот на нашите мајки и баби може да ви донесе голем број мудрости и вистини, а светот би бил сосема поинаков кога сите во него би биле искрени… Кои 3 книги ви препорачуваме да ги прочитате?

3-romani-shto-celosno-kje-vi-go-smenat-pogledot-kon-svetot-01.jpg

Овој викенд издвојуваме три романи што целосно ќе ви го окупираат слободното време и нема да ви дадат мир додека не ги прочитате.

Зошто? Затоа што сите три романи се на некој начин одговор и критика на времето во кое живееме.

Од секој од овие романи може да извлечете по некоја поука што ќе ви го промени погледот на светот:

„Приватен живот“ – Николо Аманити

Работите не се онакви какви што изгледаат на прв поглед.

Марија Кристина е поранешна манекенка и сопруга на актуелниот премиер на Италија, која според медиумите и социјалните мрежи е најубавата жена во светот.

Но, зад нејзиниот беспрекорен имиџ се кријат духови од минатото и криза на идентитетот предизвикана од претпоставките и очекувањата на луѓето околу неа.

Како што ги вртите страниците, така ви се менува мислењето за неа, но и емоциите што таа кај вас ги буди.

Во четивото, повторно во стилот на Аманити, може да се проследи трагикомичен приказ на модерното општество.

Преку приказната за Кристина, имаме можност да си го поставиме прашањето за тоа какво е тоа општество, во кое е најважен изгледот, имиџот, залажувањето на јавноста, но и самозалажувањето.

3-romani-shto-celosno-kje-vi-go-smenat-pogledot-kon-svetot-02.jpg

„Невидливиот живот на Еурдиси Гузмау“ – Марта Батаља

Ова е првиот роман на бразилската авторка, која долги години работела како новинарка, пред да отвори сопствена издавачка куќа.

Дејствието се врзува за две сестри, Гида и Еуридиси, кои во време на патријархалното бразилско општество во 40-тите години на минатиот век, избираат два сосема поинакви правци во животот.

Откако Гида ќе побегне од домот за да живее со лекар од угледно семејство, кој ќе ја остави сама да се грижи за нивното дете, Еуридиси дава сè од себе за да биде добра ќерка, која нема да направи ништо за да ги посрамоти родителите.

Станува совршена домаќинка, која ќе се омажи за добар маж и ќе го живее животот онака како што ѝ наметнуваат нормите на тогашното општество.

Зад ликот на Еуридиси се кријат голем број жени израснати во некое минато време, нашите баби и мајки, кои целиот свој живот останувале „невидливи“.

3-romani-shto-celosno-kje-vi-go-smenat-pogledot-kon-svetot-03.jpg

„Проектот автентичност“ – Клер Пули

Како би изгледал светот кога сите во него би биле искрени?

Ова е приказна за една обична зелена тетратка која успева да зближи шестмина различни луѓе, а меѓу нив ќе се развие пријателство, па дури и љубов.

Сè започнува кога ексцентричниот уметник Џулијан Џесоп ќе ја запише својата вистина во тетратката и ќе ја остави во мал ресторан.

Неговата вистина ќе стигне во раце на сопственичката на ресторанот Моника, која одлучува да го продолжи неговиот пример и сама ја запишува својата вистина и ќе ја остави во друг локал преку улицата…

Така, бледозелената тетратка се претвора во т.н. проект за автентичност каде што секој од ликовите ја раскажува својата вистина, а им носи можност на ликовите да се зближат и да сфатат дека не се сами.

3-romani-shto-celosno-kje-vi-go-smenat-pogledot-kon-svetot-04.jpg

Б. С. Б. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

3 романи за роматични души што ќе ве разнежнат пред Валентајн Во пресрет на Денот на вљубените, зошто да не прочитате еден, или можеби сите тр...
3 интригантни романи од Ксенија Николова во кои ќе уживаат и жените и мажите Нашата писателка Ксенија Николова неодамна го промовираше своето седмо дело, ром...
Три кралски приказни: Книги кои ќе ги прочитате за еден викенд Од робинка до кралица, тајна руска агентка во времето на Распутин, жена што се п...
3 кратки класични романи (што секој интелектуалец треба да ги прочита) Сакате да читате класици, но ве фаќа уплав од големите и обемни дела на познатит...
3 љубовни приказни од Линдзи Келк за љубителите на „лесни“ книги Трите книги се дел од серијалот „Го сакам...“, во кој Анџела Кларк патува низ св...
3 помалку познати книжевни класици што вреди да им дадете шанса Кога ќе се спомне Франц Кафка, сигурно веднаш помислувате на романот „Процес“, н...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg