3 одлични романи за да го завршите месецот на книгата
Приказни за жените кои биле повредени од најблиските, но и за оние кои што живееле 100 години, па биле сведоци на сите пресвртници во светот од 1920-та до 2020-та година, кога короната зема голем замав... Кои 3 романи ви ги препорачуваме викендов?
Октомври е месецот на книгата. За да го завршите ви предлагаме три одлични романи, што целосно ќе ви го окупираат вниманието и нема да ви дадат мир додека не ги прочитате.
„Преместување на соништата“ – Михаела Гашпар
Одличен роман од хрватската писателка Михаела Гашпар, кој зборува за три жени кои биле изневерени од луѓето што ги сакале, а чиишто приказни ненадејно се преплетуваат.
Габриела навидум има прекрасен живот како учителка, која ја има поддршката од љубезниот сопруг, но кого мора да го напушти заради демоните од минатото.
Анастасија е домаќинка и вдовица која живее сама, откако целиот живот го поминала како слугинка на посесивниот сопруг.
Катарина бега од сопругот што ја малтретира во домот на нејзината тетка, која е сосетка на Анастасија, а Габриела е учителка на нејзиниот син Давид.
Сите жени имаат неисполнети соништа и биле изневерени од луѓето што ги сакале. Тие искусиле страв и злоупотреби во домот, додека мажите во нивните животи биле заштитени од семејството и општеството.
Ова е роман што им дава глас на угнетените и на оние што долго морале да молчат затоа што се срамеле од сопствените лузни и стравувале за сопствените животи.
„Виолета“ – Изабел Аљенде
Епски роман кој ја опфаќа приказната на Виолета дел Ваље, жена која се родила во 1920-та година во Шпанија, а во својот долг 100-годишен живот имала можност да види и да преживее многу.
Големата депресија, Втората светска војна, диктатури, природни катастрофи, две светски пандемии, и тоа на „шпанскиот грип“ при нејзиното раѓање во 1920 година и на коронавирусот при нејзината смрт во 2020 година.
Нејзината приказна ја раскажува во своето долго писмо упатено до внукот Камило, а преку неа имаме можност да осознаеме многу...
За тоа како се менувал и како се обликувал животот во последните 100 години, имаме можност да читаме за страсните романси и љубовни разочарувања, за моментите на болка и страв, сиромаштијата и богатството...
Роман што ќе ги освои сите љубители на добро изградените карактери и приказните кои допираат длабоко во срцето.
„Белегот на сите нешта“ – Елизабет Гилберт
Романот се случува во периодот на 18-иот и 19-иот век и ја следи приказната на семејството Витакер, на чело со бизнисменот Хенри, Англичанец со сиромашно потекло кој стекнува големо богатство благодарение на трговијата со Кинин и станува најбогатиот човек во Филаделфија.
Неговата ќерка, Алма го наследува неговото богатство и неговиот интелект и станува ботаничарка.
Нејзината животна приказна е исполнета со истражувања поврзани со еволуцијата, но и со љубовната приказна со Амброуз Пајк, човекот кој слика орхидеи и кој ја одвлекува во свет што е сосема поразличен од она што го познава.
Б. С. Б. | Црнобело