Анета Апостолоска за борбата со рак на дојка: „Маж ми имаше 2 операции на срцето, кога се смирив, дојде мојата дијагноза“
- Детали
- среда, 09 октомври 2024
„Мојот сопруг ме натера да појдам на МР, на биопсија, на операција, тој беше организаторот, тој закажуваше, тој ме носеше по испитувања, бидејќи најголема одбивност во животот ми беа болниците, а кога дознав за ракот ми станаа ‘втор дом’“, вели Анета (Ане) Апостолоска (47) од Скопје за CRNOBELO.com.
Анета (Ане) Апостолоска (47) од Скопје, по професија e дипломиран професор по одделенска настава на македонски јазик, но работи како административен службеник во Град Скопје.
Пред да ја добие дијагнозата рак на дојка, животот не ја штедел, била во период кога имала премногу стресни ситуации, професионално (нерешен работен статус во поранешната институција), но и приватно (две операции на срце на нејзиниот сопруг).
Тогаш се чувствувала најсилна, но кога телото ѝ се смирило од стрес, тогаш дошла најтешката епизода од нејзиниот живот.
Таа вели дека нејзината борба со ракот низ овој тежок период од животот едноставно ја нарекува „Мојата црвена линија“, а во продолжение ќе сфатите и зошто.
Ане ја споделува својата приказна за CRNOBELO.com:
На колку години ја доби дијагнозата рак на дојка? Како се справи со шокот?
Соопштувањето на дијагнозата ја добив на 45, неполни 46 години, од страна на мојот најдобар доктор Игорче Џиковски, кој подоцна ме оперираше, а и подолго време ме прегледуваше на торакална, бидејќи местото каде беше отстранета дојката речиси половина година ми собираше течност, која требаше да се пунктира.
Тој ист доктор толку сакаше да ме поштеди од маката, дури не знаеше како да ме гледа право во очи.
Солзите веќе ми беа на капаците, знаев и од погледот и од тишината во ординацијата и од тонот на гласот. Постои таа тишина пред да се каже дијагнозата, се бираат зборови, се бираат погледи, се бираат гестикулации.
„Кажете ми, му реков, какви ми се резултатите?“... Следуваше тишина „Не се добри ама сè ќе се среди без паника“.
Тогаш за првпат ви се измешани чувствата, како некој да ви удрил шлаканица, и не знаете кај сте.
Докторот зборува, јас ништо не слушам, срцето ќе ми излезеше, не е можно, не сега кога најдов нова работа и треба да се прилагодам на неа, не сега кога децата ми се големи и сакам да уживам, не сега кога сакам да живеам.
Одев редовно на прегледи и ми рекоа дека нема место за паника, затоа што сега ова ми се случува.
Докторот ме праша како го забележав – НИКАКО, едноставно Господ ме спаси, јас немав никаков знак во вид на топче, вовлечена брадавица, болка - сè ми беше нормално.
По неколку редовно направени контроли и сознанието дека има некаква промена на левата града, три докторки ме убедуваа дека нема место за паника, дека тоа е некој вид на каналче.
На мамографијата, дури ми рекоа дека нема никаква сенка, нема ништо разгрането, но доколку сакаш да бидеш сигурна направи МР.
Ова ви го потенцирам бидејќи МНОГУ е важно кој ве гледа на ехо, кој ја гледа мамографијата, кој ќе ве изведе на прав пат.
Јас ја имав таа среќа снимката од МР да ја види мојата незаменлива д-р Славица Чалчевска од болницата „8-ми септември“ и во истиот извештај пишала „пациентката да дојде на повторен преглед на ехо на дојка, каде ќе се одлучи дали ќе се прави биопсија“.
Иако постоеше страв од исходот, некако потсвесно верував дека ништо не ми е. Голема благодарност до докторката која веднаш ми закажа биопсија и ми се посвети максимално до ден денес.
Информацијата за вашата дијагноза е првиот и најболен удар што ви го дал животот. Ушите почнуваат да ви бучат, телото ви се тресе, сакате едноставно да не сте тука (да не си ти, да не сум јас, да не е никој следен).
Тогаш си го фатив лицето, а потоа и косата, бидејќи за последен пат тоа сум јас таква каква што бев.
Сите кои ме познаваат ме знаат како личност, која многу сака да се средува, да се фотографира, да си игра со боите на облеката, да се негува, особено мојата коса која ми беше опсесија.
Купував секакви препарати да биде потхранета, лелеава, здрава. Таа беше мојот симбол за убава жена.
Што направи прво? Како изгледаше процесот на планирање на лекувањето? Како реагираше сопругот кога му ја соопшти дијагнозата? Како ја претстави ситуацијата пред децата?
Во мојот случај, како и секогаш, работите се од обратната страна. Мојот сопруг прв дозна за мојата дијагноза, тој секојдневно одел во државна болница за резултатите од биопсијата и кога дознал бил во неверување (по кажувањето), не знаел првично дали веднаш да ми каже, но многу мудро и храбро го изведе сето тоа.
Пред да дознаам за ракот, ме остави да го славам најубавиот христијански празник Велигден на раат, а тој за тоа време барал доктори и најбрз можен термин за операција.
Тој во целиот мој процес на лекување беше најголемата поддршка заедно со децата и најблиските. Децата не го покажуваа тој страв, таа болка, но јас како мајка тоа го чувствував.
Докторот ми предложи операцијата да биде првично четврт од дојката, па после може ќе треба зрачење. Пресеков и реков цела дојка, само да не одам на зрачење и само косата да не ми падне, ова беше мојата прва црвена линија.
Кога излегов од болницата, јас не знаев ни каде сум, солзите сами ми капеа, помислив прво на децата како ќе го поднесат сето ова, големи се, знаат сè, не можеш ништо да скриеш.
Како чекорев, така мислев дека ќе паднам, најмногу од сè имав одбивност од болници и лекари, а сега треба да бидам со нив и во нив.
Операцијата помина во најдобар ред, постоеше само еден мал проблем, добив пареза на левата рака, која подоцна со вежби се нормализираше.
Секогаш кога требаше да се направи преврска или пункција на раната, не можев никако да се погледнам надолу, јас ја имав единствено црвената линија на моето тело.
Како тие ги прифаќаа промените кои ти се случуваа? Беше ли стресно губењето на косата?
По завршување на операцијата, ми беше соопштено дека покрај целосно извадената града, биле извадени 13 лимфни жлезди, од кои две не изгледале како што треба.
По добивањето на хистопатолошкиот наод, се покажа дека една лимфна жлезда метастазирала, но операцијата е влезена во здраво ткиво и според докторите јас боледував од рак на дојка ТИП2.
И замислете покрај сите овие стресови, исчекувања и непроспиени ноќи, лекувањето сè уште не е почнато.
Јас мислам дека тој долг процес на лекување најмногу те исцрпува и на момент те разочарува.
Кога влегуваш на Онкологија започнуваш нов живот, почнувајќи со реченицата „Jавете се на шалтер за нови пациенти“ и оттогаш ништо веќе не е исто, како повторно да си се родил и ти вадат извод на родени.
Јас ја имав таа чест да ме лекува мојата златна д-р Даниела Попоска, таков доктор секој би посакал, од првиот момент кога ме виде знаеше дека премногу сум исплашена, ме гледаше и ме охрабруваше, разговараше со мене дека сè ќе биде во ред, дека мора да поминам 8 хемотерапии, дека заедно ќе го изодиме тој тежок пат и да ѝ се препуштам целосно на нејзината професионалност.
Тогаш прашав колку време ќе трае тој процес и ми одговори 6 месеци, ја фатив косата, ме погледна и ми рече „ќе падне и уште поубава ќе порасне“.
По нејзиното заминување во приватна болница, повторно имав среќа да продолжи да ме лекува еден прекрасен онколог и професионалец во својата област - доктор Исмаили Илир.