Слаткар за татковството: „Цел живот чекав да станам татко“
Како реагира Моша кога ја слуша „Насмевка“, кога го гледа спотот?
Му ја пеам ама не сака да ја слуша. Само вика: „Немој, смени ме, смени ме“, а јас му кажувам дека е тој во видеото и дека е песната за него, ама одбива, вели дека не сака, а не знам зошто.
Но, му се допаѓаат многу други песни што ги правам. Еве, сега баш спремам нова песна и тој ја научил на памет, си ја пее.
Најверојатно тоа што имам демоа и што ги пуштам во кола, ги слуша и впива. Вчера се шетавме и ми ја запеа.
А за „Насмевка“ мислам дека ќе му биде многу ќеф кога ќе порасне.
Од друга страна, тоа што ги сака моите други песни ми покажува дека Моша не сака сè да се врти околу него и тоа ми е мило што е така.
Дали имаше стравови пред да се породи Сања, ете, како ќе се снајдеш како татко, на пример?
Јас цел живот го чекав тоа, да станам татко и немав стравови.
Не се спремав да станам татко, тоа го сфатив како дел од животот, зашто ако не го гледаш така, ќе си го сфатиш како обврска, како работа...
Мислам дека секој човек е роден да израсне друг човек, тоа ни е во природата на сите.
А ние го чекавме Моша многу време, така што мислам дека бев спремен да станам татко многу години пред да се роди.
Кој е најголемиот гаф што си го направил како татко?
Ќе излезе дека сум перфектен татко, ама гаф, не знам... Можеби сум претерал со купување работи за него, ама се трудам да го намалам тоа.
Не знам дали можам да си најдам мана баш за таа улога.
Во секоја друга улога можам да си најдам мана - и како човек и како пријател, и како сопруг и како артист, но како татко, мислам дека не и се надевам дека така ќе остане, дека нема да направам некаква грешка.
Какво дете е Моша? Колку од својот карактер препознаваш во него? Или „влече“ повеќе на Сања?
Влече и на мене и на Сања. Кога ќе ме излуди знам да ѝ кажам дека го има земено најлошото и од мене и од неа. Ама тоа е на шала, на смеа кажано.
Сите ние сме спој од двајца луѓе, од нивните гени. Јас, на пример, ич не личев на татко ми, ама имав негови карактеристики.
На мајка ми личам физички, ама карактерно ништо немам на неа, како да не ме родила таа.
Кој го избра името Моша - ти, Сања или заедно?
Сања сакаше синот да има еврејско име, и тоа Јаков, Давид, што е исклучително комерцијално. Не знам како ми „улета“ Моша.
И кога зборевме со едни постари Евреи и им кажавме како сакаме да си го крстиме детето, ни направија кисела фаца и ни рекоа: „Марко, тоа е ко да го крстиш Стојан, традиционално е премногу, старо“.
Но, традиционално е најверојатно кајшто има многу Евреи, а кај нас е различно и мислам дека е единствениот Моша во земјава. Ми звучи баш уникатно, не старомодно.
Која ти е најубавата работа поврзана со татковство?
Не можам да одберам, искрено. Ама, има фаза кога се понаша ко да ми е брат, ме слуша сè.
Ако сака да направи нешто ми вели „Океј, лајк“. А научил и дислајк. Ново време, нови деца, нов начин на комуникација.
Убаво ми е кога е послушен и кога прави сè што ќе му кажам. Тоа се случува ретко, ама нели, убавите „ствари“ се ретки.
А која ти е најстресна?
Стресно ми е сè. Тој е сега тодлер, во години е кога не може ни сам да се разбере, не па некој друг.
Стресно е секое излегување, чекорење по улица, зашто знае некогаш да се залета преку улица зашто видел некое топче и сака да го фати.
Затоа секогаш гледам да го држам за раце за да не ми избега.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело