Дарко Стојанов, повреден во пожарот, прв се врати од лекување во Србија: „Моите деца сè уште имаат татко поради докторите“
- Детали
- среда, 26 март 2025
„Мојата здравствена состојба е добра и стабилна, а сега следува малку подолг процес на закрепнување, додека да бидат санирани сите последици, но ќе бидам добро. Физичките рани и лузните на телото ќе останат, но веќе нема да крварат и нема да болат“, напиша Дарко Стојанов, кој додава „Дишам благодарение на брзата реакција на медицинскиот персонал во КАРИЛ, а потоа и на хуманиот медицински персонал од Србија - ангели сте!“.
Дарко Стојанов е прв од повредените во пожарот во Кочани, кој се врати од лекување во странство.
Дарко, сопруг и татко, беше на лекување во Србија, а сега со објава на Фејсбук им искажа благодарност на докторите за целиот вложен труд.
Неговата објава гласи:
„Драги пријатели, познаници и непознаници.
Мили мои ученици премногу ми недостасувате, но ќе се видиме наскоро.
Мој македонски народе ви благодарам за солидарноста, емпатијата и храброста која ја добивам.
Со оваа објава пред сè сакам јавно да се заблагодарам за личната поддршка која ја добив од огромен дел од вас.
Мојата здравствена состојба е добра и стабилна, а сега следува малку подолг процес на закрепнување, додека да бидат санирани сите последици, но ќе бидам добро. Физичките рани и лузните на телото ќе останат, но веќе нема да крварат и нема да болат.
Благодарение на Бога јас бев еден од посреќните кој што се спаси таа траорна ноќ. Но, огромен дел за жал ја немаа таа среќа.
Болката да се изгуби некој во тој пекол ја почувствував и јас. Тоа е рана која никогаш нема да зарасне. Раната на душата којa ќе крвари во мене до крајот на мојот живот.
Благодарам на сите институции кои беа вклучени во организирањето и реализацијата за лечење во СРБИЈА и останатите земји.
Доколку не се случеше тоа, не знам дали сега ќе го пишував ова. Благодарение на целиот медицински персонал во нашата држава, бидејќи тоа се вистинските херои.
Се надевам дека што поскоро ќе го сфатиме тоа како држава и дека тие ќе бидат наградени соодветно за сè што прават. Се надевам дека овиe херои што побрзо ќе добијат сè што заслужуваат.
Дишам благодарение на брзата реакција на медицинскиот персонал во КАРИЛ.
Не постојат зборови со кои можам да се заблагодарам на целиот персонал од Клинички центар Србија.
Моите деца сè уште имаат татко благодарение на докторите, и НЕВЕРОЈАТНИТЕ МЕДИЦИНСКИ СЕСТРИ И ТЕХНИЧАРИ од клиниката. Тоа беа моите ангели чувари. БЛАГОДАРАМ СРПСКИ НАРОДЕ!
Посакувам што побрзо закрепнуваење на сите кои се повредени и што побрзо да ги гушнат своите сакани. И се надевам дека оваа траорна трагедија ќе нè обедини како народ и ќе ни ги отвори очите како луѓе.
ГУШНЕТЕ ГИ НАЈБЛИСКИТЕ, ФАМИЛИЈАТА, ПРИЈАТЕЛИТЕ. КАЖЕТЕ ИМ ДЕКА ГИ САКАТЕ. НИКОГАШ НЕ МОЖЕТЕ ДА ЗНАЕТЕ КОГА Е ТОА ЗА ПОСЛЕДЕН ПАТ!“.
Видео од неговото пристигнување во Македонија ТУКА!
Скриншот од видео на телевизија Телма
С. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





