„Родители внимавајте“: Нов опасен ТикТок предизвик во Македонија и регионот – деца завршија во болница со тешки повреди
- Детали
- петок, 06 декември 2024
Предизвикот познат како „Супермен“ се прослави и кај нас, а веќе десетина деца се во болница. Во Романија, пак, во само еден ден, 20 деца биле примени во болница со скршеници и тешки повреди поради предизвикот.
ТикТок предизвиците не се ништо ново и додека повеќето се забавни, дел од нив можат да бидат и опасни.
Но, децата што ги прават овие предизвици не се свесни за ризиците и многупати се случило да завршат во болница.
Таков е случајот со нов вирален предизвик на ТикТок, познат како „Супермен“.
Сега предизвикот почна да се прославува и кај нас, а веќе 10-тина деца завршиле во болница поради повредите.
Според билтенот на МВР, во средата (04.12), 8-годишен ученик се здобил со тешки телесни повреди во училиште во скопско Зелениково, по што бил примен во болницата „Св. Наум Охридски“.
Не се познати други детали, но наведено е дека повредите настанале „при игра со учениците“.
Македонските медиуми известуваат дека повеќе деца со слични повреди биле примeни во болница изминативе неколку дена.
Слични вести има и од Романија, каде само во Букурешт биле хоспитализирани над 20 деца, и тоа во еден ден.
На двајца од пациентите им била потребна и операција.
„Ги предупредуваме сите бидејќи ова е загрижувачки феномен, опасен за деца, и можат да си нанесат сериозни повреди“, изјавил менаџерот на болницата во која биле примени децата во Букурешт.
Трендот се прославувал и во Албанија и веќе неколку ученици завршиле со повреди.
Поради опасноста од предизвикот, на Фејсбук се огласија и од албанската управа за аудиовизуелни медиуми:
„Десетици тинејџери во Романија се здобија со скршеници и сериозни повреди поради ТикТок тренд познат како ’предизвик Супермен‘.
Поради опасната ’игра‘ во еден ден над 20 тинејџери завршија во болница со сериозни повреди.
Родители бидете внимателни! Објаснете им ги на вашите деца опасностите од таквите онлајн трендови. Деца и тинејџери, не наседнувајте на такви предизвици.
Покрај тоа што се ризични за здравјето, а доста често и животот, нема ништо забавно во нив“, гласи објавата.
За повредени деца од предизвикот се известува и од болници во Израел, додека неколку европски земји, вклучувајќи ги Бугарија и Италија, пуштаат апел до родителите и децата да бидат внимателни, бидејќи предизвикот се прославувал и кај нив.
Инаку, за предизвикот, едно дете треба да скокне во рацете на други играчи, во поза како Супермен. Но, доста често децата скокаат од високо, а другите деца ги тргаат рацете во последен момент, при што настануваат повредите.
Некогаш и оние кои треба да го фатат детето што скока не можат да го додржат, па тоа паѓа и се повредува.
Спирова С. | Црнобело