Јован е нашиот херој од реалноста! 19-годишно момче влегло во пожарот во Кочани за да си ги спаси другарите
- Детали
- среда, 19 март 2025
„Ах ти храбро детиште, ах ти хероју наш. За твојата храброст, хуманост, емпатија, не постои ниту едно мерило, ГОЛЕМ човеку. Горда, прегорда сум на тебе душичко наша. Заслужуваш орден Јован... Дојде од Виница само за да ги спасиш твоите другари“, пишува Анка Арсова за нашиот мал, но огромен херој од реалноста Јован Костадинов (19). Македонија е горда што има ваква младина.
Среде овој мрак, потребни ни се херои... Потребно ни е да ги слушнеме или прочитаме приказните за тие херои од реалноста, кои дадоа сѐ од себе за да им помогнат на настраданите во пожарот во Кочани.
Еден таков, за жал, изгубивме, тоа беше Иле Гоцевски - возачот на Итната помош, кој траорната ноќ неброен број пати ја извозе релацијата Кочани - Скопје за да пренесува повредени, а потоа никогаш не се разбуди.
А, сега, тоа е Јован Костадинов, 19-годишно момче од Виница за чие поскоро закрепнување сите се молиме.
Јован без размислување ноќта од Виница отишол во Кочани и влегол среде огнените јазици за да ги извлече своите другари.
Луѓе, кои го познаваат, на социјалните мрежи пишуваат:
Анка Арсова
„Ах ти храбро детиште, ах ти хероју наш, многумина можат да ти позавидат и тоа сосема оправдано.
За твојата храброст, хуманост, емпатија, не постои ниту едно мерило, ГОЛЕМ човеку.
Горда, прегорда сум на тебе душичко наша. Заслужуваш орден Јован.
Дојде од Виница само за да ги спасиш твоите другари и секој еден присутен, само по допрен глас.
Го ризикуваше сопствениот живот, за да спасиш туѓи.
Поклон до земја... Учител на сите нас. Јован злато од дете!“
Радмила Станчева Анастасовска
„Браво дете златно, од мал си со лавовско срце!“
Уште низа негови познаници ја споделија фотографијата од Јован, на која пишуваше:
„Херојството не се мери со години, туку со храброст и човечност.
Јован, 19-годишно момче од Виница, стана симбол на несебична пожртвуваност кога во пожарот во Кочани, без двоумење, влезе во огност за да спаси околу 20 деца.
Со црево во рацете и срце полно храброст, тој не размислуваше за себе, туку за оние на кои што им беше потребен. Побрзо закрепнување братче!“
Јадранка Бреслиева
„Со голема благодарност и емотивна почит, би сакала да го споделам херојскиот чин на Јован Костадинов од Виница, кој не само што ги спаси животите на 21 деца во трагичната несреќа во ноќниот клуб во Кочани, туку го спаси и мојот син.
Во најтемните моменти на паника и хаос, кога сите беа збунети и во страв, Јован се појави како светлина на надеж.
Без да размислува, го зеде мојот син кој беше под рушевините на дискотеката и го носеше на својот грб низ огнот и чадот, сѐ до болницата во Кочани, со цел да го спаси, додека сите наоколу бегаа и се бореа за својот живот.
Јован е вистински херој – младо момче со големо срце и неописива храброст, кој го ризикуваше својот живот за да спаси туѓи животи.
Јован на тебе ти го должам новото утре, новата насмевка, новата надеж и новиот живот на мојот син. За тебе нема зборови кои можат да ја искажат мојата благодарност и почит.
Благодарност од дното на срцето. Ти ми го даде најголемиот подарок што може да го добие една мајка, го спаси животот на моето дете. Ти ќе останеш засекогаш во моите молитви и во нашите срца“.
С. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





