Иле - возачот на Итната помош од Кочани е нашиот херој среде оваа темнина: „Горди сме што те имавме!“
- Детали
- понеделник, 17 март 2025
„Што да се напише за тебе е премалку. Човек планина, човек со срце, душа човек кој вчера даде сè од себе да спасиш млади, невини душички и на крај нè напушти и ти. Почивај во мир голем човеку“. Со зборови полни болка блиските се збогуваат со нашиот херој, кој вчера беше во трка да спаси што повеќе животи.
Иле Гоцевски од Делчево, долгогодишен возач на Итната помош во Кочани, е херојот кој вчера цела ноќ пренесувал повредени по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Добар човек, голем човек, душа херојска, велат оние кои го познавале.
Иле по напорната ноќ легнал да одмори дома и никогаш не се разбудил.
Премногу болка, премногу тага...
Неговите пријатели и колеги се простуваат од него на социјалните мрежи.
Василија Иванова
„Нашиот Иле Гоцевски нè напушти прерано. Другар кој несебично секогаш даваше сè од себе.
Не знаеше да каже „не“. За него немаше невозможно. „Ќе биде другар“, велеше за сè.
Што и да напишам малку е. Царство небесно, ангелу наш“.
Методи Митев
„Што да се напише за тебе е премалку.
Човек планина, човек со срце, душа човек кој вчера даде сè од себе да спасиш млади, невини душички и на крај нè напушти и ти.
Почивај во мир голем човеку“.
Драгица Митева
„Почивај во мир другарче. Без зборови сум. Како зборуваше на сите – „Живееш ли? - Живеј“... Ќе се присетуваат сите на твоите зборови.
Почивајте во мир дечиња, сочувство до фамилиите
Плаче ноќта над Кочани
Ноќта плаче над градот немо,
ѕвездите треперат со тажен сјај,
тишината носи гласови снемо,
сеќавања болни без крај.
Смеа и младост во еден здив,
сонот прекинат во пламен златен,
ѕидови сведоци на судбински крик,
жар во очи, згаснат прекратен.
Мајка шепоти име со страв,
татко со солзи небото моли,
брат и сестра го бараат здивот,
но само ветер од болка боли.
Пеат ангели, но премногу рано,
срца што требаше да љубат и сјаат,
сега во сенките светат бледо,
над градот што вечно ќе тажи и знае.
Почивајте во мир, млади души“.
С. С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





