„Бев на Тасос, стигнавме за околу 5 часа од Скопје, вљубувањето во островот ми започна со галебите на траектот“
„Вљубувањето во Тасос ми започна со белите галеби на траектот, кои ми јадеа од рака, ми продолжи со најурбаниот бич бар ‘La Scala’, ми се засили со неверојатното зајдисонце во барот на карпа „Karnagio“, со розовото небо, совршените плажи и тоа што сѐ е лесно пристапно. Траектот нѐ чинеше 35 евра и траеше 40 минути, а се сместивме во главниот град Лименас за да има забава навечер...“
Тасос секогаш знаеше да ми пролета на листите за дестинации за одмор, но некако секогаш го доживував како многу фамилијарен, па си велев ајде ќе го одложам за понатаму во некоја помирна доба од мојот живот.
Но, годинава му дојде редот... Поради некои околности, имав идеја да се оди на одмор со автомобил и притоа патот да не трае предолго, а да не е на краците.
Така одлуката падна на Тасос и искрено островот неверојатно ме изненади и ќе го посетам повторно.
Патувавме со автомобил 4 и пол часа, среде ноќ, па не нѐ фати гужва на граница. Утрото веднаш фативме траект, кој го има на секој половина час и си купувате билети на самото место. Билет за автомобил со двајца патници ќе ве чини 35 евра.
И на траектот ќе ви почне вљубувањето на Тасос. Од сите страни ќе ве надлетуваат галеби, а ако некој ве посоветува однапред, како што ние бевме посоветувани да си земеме соленки со нас, тогаш ќе ги храните и ќе уживате.
Овие бели, прекрасни птици без проблем ќе јадат од вашата рака, искуство што се помни дефинитивно.
Потоа, од траектот сместувањето ни беше на помалку од еден километар, во главниот град на островот – Лименас.
Ние, секако секогаш возиме до плажи по островите, затоа што на остров нема поента да одите ако сте стационирани на едно место, па така си рековме ќе бираме сместување во место според тоа кај е динамично навечер со симпатичен ноќен живот со таверни, кафулиња и слично.
И не погрешивме. Секоја ноќ откако ќе го видевме најубавото зајдисонце и розовото небо во Лименас, имаше што да правиме.
Мене срцето ми го освои кул локалот направен на карпа, по светски терк „Karnagio Beach Cafe Bar“.
Диџеи, одлични коктели, пречек од менаџерка, која слободно може да ја прогласиме за модна икона, локална Ана Винтур, и што уште не.
Потоа, на само 3 километри од сместувањето ни беше најдобриот бич бар на островот „La Scala Beach Bar“, со кул музиче, високи палми, платна кои се веат над вас, лулашки, базен и урбана нота.
На остров не се враќам повеќе од еднаш на иста плажа, затоа што постојат многу опции, но во овој бич бар дефинитивно се вратив.
И потоа секој ден возевме до различна плажа, најдолго 50-тина километри до Потос и до живописниот манастир Свети Архангел Михаил, изграден на карпа.
Таму ќе ви дадат да облечете подолго здолниште, ако сте во кратко, ќе ве дочека мини цветен рај, но и неверојатен поглед кон морската шир.