„Бев на Тасос, стигнавме за околу 5 часа од Скопје, вљубувањето во островот ми започна со галебите на траектот“
Kилометарската плажа „Golden beach“, која е доста позната, мене лично не ми се допадна, но е совршена за со деца ако сакате да си поставите чадори и тие да имаат простор каде да трчаат. Плус, многу долго време е навистина плитко и водата е топла.
Голем впечаток ми остави селото Panagia, во кое многу објекти се обоени во сино-бело, има прекрасна црква, впечатливо дрво со отвор во форма на срце, милион продавнички и што уште не.
Плус, малку ќе го почувствувате и духот на животот на локалците.
Одлична плажа со преубави услови за бањање и врвна услуга е и плажата „Pachis“. Посетив и низа други, но да не ги набројувам, ќе истражите сами и, се разбира, нема да успеете да ги видите сите на островот во само еден одмор.
Да не заборавам, одлично искуство беше и крстарењето со брод кое чинеше 35 евра од човек, траеше 6 часа и вклучуваше капење на диви плажички со смарагдна боја на вода и највкусна скара, која самиот капетан ја подготвува пред ваши очи на бродот.
На враќање од Тасос, попатно го посетивме градот Кавала, кој има хаотичен сообраќај, локалците доминираат и го гледате нивниот стил на живот, но и град кој има шарм на италијанските гратчиња изградени на карпа со спектакуларни пејзажи.
Го посетивме стариот дел од градот, аквадуктот и се качивме на тврдината од каде имаше панорамски поглед, кој дефинитивно се памети за до крајот на животот.
Калдрма, стрмни улички, живописни куќички, мене старите делови од градовите секогаш ми прават топло во срцето.
И дури и последниот одлучивме да го искористиме за плажа до зајдисонце, но не се задоволив со градска плажа во Кавала и по кратко онлајн истражување, одлучивме да ја посетиме плажата Ammolofoi, на 28 километри од Кавала, во областа Nea Peramos.
Неверојатно долга, одлична за бањање, со врвни бич барови... Особено ме воодушеви цветната атмосфера во барот „La Roca“.
Песокот на плажата е ситен со милион ситни школкички, а пред вашите очи осамнува островот Тасос.
Тука поголемиот дел од туристите беа Бугари, слично и на Тасос, каде заедно со Романците беа најдоминантни туристи.
Тасос како идеја за летен одмор? Дефинитивно да!