„Бев на Тасос, стигнавме за околу 5 часа од Скопје, вљубувањето во островот ми започна со галебите на траектот“
Плажите не можам да ги рангирам, затоа што јас сум вљубеник и во диви заливски плажи со најубава нијанса на тиркизна вода, но и во бич барови, каде услугата и храната се совршени, а таму имаше сѐ.
Мана на островот е само што има премногу туристи, па ако сакате да фатите добри лежалки во прв или втор ред на плажите, треба веќе во 8 или 9 часот да сте пристигнати таму.
Две лежалки со чадор најчесто чинеа 40 евра со консумација, поточно беа бесплатни, но вие сте обврзани да потрошите 40 евра на две лежалки во текот на денот таму.
Но, ако размислите кафиња, води, коктели, бургери или некаков друг тип на храна и сметката е таа.
Имаше опција за поназад со 20/30 евра консумација, а на некои плажи беше 10 евра една лежалка со што ви следува и кафе.
Цените на островот не се високи, но верувам дека се повисоки од изминатите години, се разбира, како и на сите други места.
Да се вратам на плажите. Патот до плажите е одличен, само малку ќе ве измори крајниот километар со плажата „Paradise beach“ и многу ќе ве измачи патот до највпечатливите мермерни плажи на Тасос, кои се една до друга - Saliara (Marble Beach) и Porto Vathy Beach.
На овие плажи ќе ја видите најубавата нијанса на сина вода, поради тоа што двете плажи се со ситни камчиња бел мермер и глетката е спектакуларна.
И блиску до вас е местото од каде вадат мермер, кој потоа се транспортира со камиони.
Токму поради камионите со претежок товар, патот до овие плажи кој е околу 4 километри ќе го возите 20 минути. Мора да се вози навистина бавно, за да не дојде до оштетување на вашиот автомобил.
Но, дефинитивно вреди трудот!
Потоа ме воодушеви погледот кон заливските плажи Alyki и Atspas. Од сличен тип беше и Psili Ammos, со поурбан бар.