„Бремена сум, а партнерот има афера со колешка, како треба да постапам?“
„Го сакам мојот партнер и сум во шестиот месец од бременоста и би сакала нашето мало семејство да биде заедно, но никако не можам да го преболам она што ми го направи“.
Изневерувањето на љубовните чувства е нешто што не може лесно да се прости и да се заборави. По таквите случувања, личноста не може лесно да верува никому, а постојаниот сомнеж носи проблеми на подолг рок.
Токму со тоа се соочува и една жена, која во моментот кога дознала дека е бремена, дознала дека нејзиниот партнер има љубовна афера. Како да продолжи понатаму?
Барајќи излез од ситуацијата, оваа жена се обратила до колумнистката на британскиот весник The Sun, Дидре, каде што бара совет како да продолжи понатаму, од една страна со нарушена доверба, од друга страна со желба за нивно заедничко семејство.
Еве го нејзиното прашање:
„Имам 36 години, а мојот партнер 38. Кога се запознавме во тениски клуб, јас бев во долга врска, а тој беше оженет, но не можевме да се држиме настрана еден од друг.
Сексуалната хемија беше силна уште од самиот почеток и една вечер излеговме на пијачка.
Неговата сопруга беше отсутна, а и двајцата знаевме што следува.
По неколку пијачки, отидовме кај него и не можевме да ги одлепиме рацете еден од друг.
Набргу потоа, ја прекинав врската со моето момче, а ја започнав врската со партнерот. Нему му требаа неколку месеци за да се раздели со сопругата и да се пресели кај мене.
Но, потоа открив дека има љубовна афера со друга жена на работа.
Денот кога открив дека сум бремена, беше денот кога дознав и за неа. Тој ми рече дека многу згрешил и се откажа од аферата со неа, но штетата веќе беше направена.
Порано им верував на сите, но сега веќе вербата во другите ми е уништена. Бевме разделени неколку месеци, затоа што едноставно не можев да заборавам на неговата афера.
Го сакам мојот партнер и сега сум во шестиот месец од бременоста и би сакала нашето мало семејство да биде заедно, но никако не можам да го преболам она што ми го направи“.
Каков е ставот на колумнистката Дидре во однос на ова прашање?
Еве го нејзиниот одговор:
Не сум изненадена што се чувствувате вознемирено, зашто откако довербата ќе биде скршена, може да биде неверојатно тешко повторно да се обнови.
Да се биде изневерен е нешто навистина болно, а чувствата може да траат уште долго по сите случувања.
Ако вашата врска има какви било шанси да ја преброди оваа криза, партнерот треба да биде многу подготвен да ве увери во тоа.
Разговарајте со вашиот партнер и објаснете ги вашите чувства за да видите дали имате заеднички пат напред, дури и ако за почеток тоа е само за доброто на вашето дете.
Дали мислите дека изневерувањето некогаш може да биде заборавено? Дали некогаш довербата би била вратена, или сепак секогаш ќе владее сомнежот?
М. Ѓ | Црнобело