Невести доста ги критикувате свекрвите, кажал ли нешто маж ви за мајка ви?
Свекрвите вака, свекрвите така, ни останало во навика да коментираме... Можеби од времето кога снаите и свекрвите живееле во иста куќа, па ова „ривалство“ си влече корен од минатото.
Но, што е со бабите, односно со мајките на невестите? Тие зарем никогаш не си го пикаат носот во туѓите работи, односно во бракот на ќерка им?
Да, го прават тоа! И тоа колку многу вакви примери има.
Само разликата знаете која е? Тоа што мажите не се заморуваат со ова и не коментираат ништо.
Толку се поедноставни од нас жените, што воопшто мозокот не им размислува во насока да бараат влакно во јајцето во овој однос.
А пак ние? Вистински драма кралици! Мајка ти ми кажа вака, ме погледна на криво, на детето му даде да јаде „јајце од крокодил“, а јас ѝ кажав не смее.
Ние сме ти драма спакувана во форма на жена, искрено.
А мажите си ја гледаат својата работа и не креираат „непријател“ од вашата мајка, дури и кога таа на косо ќе ги погледне или нешто ќе им прокоментира низ заби.
Ниту се заморуваат што мајка ви уште ве става во заблуда дека сте принцеза од бајките.
Ниту што уште ве гледа како дете и ви го расипува бракот кога ви вели: „Веднаш дојди си кај мене, ако те нервира“, наместо да ве охрабри да зборувате за проблемите во бракот и да си ги решите истите самите.
Да, вие сè уште сте нејзино дете, но реалноста е дека не сте дете и дека ако мажот ви го крене гласот, не треба да се јавите кај мајка ви и да се жалите 2 часа, туку треба и вие да настапите кон него дали со исто кренат тон на глас или со смирен тон за да ја смирите тензијата – изборот останува на вас.
И доста со тоа мене мајка ми вака ми кажа, мене мајка ми така ми кажа. Пораснете! Ако не сакате мажот да ви дели совети од неговата мама, тогаш сигурно и тој не сака да слуша совети поделени од вашата.
И не зборуваме само за мајката, туку и за таткото на невестата/младоженецот, односно за тоа дека треба да постои и љубов и близина, но и здрава граница колку родителите од двете страни смеат, односно не смеат, да се мешаат во бракот.
И како што вас мајка ви ве донела на свет, така и свекрва ви го донела вашиот сопруг на свет, па почитувајте ја, а кога поставувате граници за колку некој смее да ви се меша во бракот, тогаш поставете ги исто за двете страни.
Фер, зарем не?
Прочитајте и За бабите што чуваат внуци, еден медал ќе ве молам!
Содржината и ставовите изразени во авторските текстови и колумни претставуваат лични ставови на авторот и не мора нужно да ги одразуваат ставовите на редакцијата на порталот CRNOBELO.com
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
С. С. | Црнобело