Цеца во креација од нашата Моника Димова: „Ме побараа пред неколку месеци, заедно го избравме моделот“
„Според желбите на Цеца, заедно дојдовме до идеја дека најдобриот избор ќе биде асиметричниот корсет и панталоните со широки ногавици, кој е дел од мојата SS24 колекција“ - вели македонската креаторка Моника Димова за CRNOBELO.com.
Македонската дизајнерка Моника Димова, која е основач на брендот кој го носи нејзиното име, „Monika Dimova“, ја облече балканската ѕвезда Цеца Ражнатовиќ за една од епизодите на нејзиното ток-шоу „Ceca Show“.
Моника за Цеца направи асиметричен корсет и панталони со широки ногавици, по примерот на дизајн од нејзината колекција „Пролет-лето 2024“.
Иако оригинално моделот е во бела боја, Моника, решила за Цеца да направи виолетова верзија на истиот, а во договор со пејачката и нејзините стилисти.
Моника Димова
За соработката со Цеца, за CRNOBELO.com, Моника вели:
„Стилистот на Цеца стапи во контакт со мене пред неколку месеци, изразувајќи воодушевување од моите дизајни, како и желба Цеца да носи една од моите креации за нејзиното „Ceca Show“, кое се емитува на BlicTV.
Според нејзините желби, заедно дојдовме до идеја дека најдобриот избор ќе биде асиметричниот корсет и панталоните со широки ногавици, кој е дел од мојата SS24 колекција.
Оригиналниот модел беше во бела боја, но сакајќи да создадам нешто навистина впечатливо и посебно за Цеца, предложив и изработив нова, ексклузивна нијанса на виолетова, специјално за неа.
Голема чест е што една од најголемите музички ѕвезди во регионот носи мој дизајн.
Оваа соработка уште еднаш го потврдува фактот дека уникатноста, софистицираноста и квалитетот секогаш го наоѓаат својот пат до вистинските луѓе.
А дали ќе продолжиме со соработката? Останува да видиме, но би било вистинско задоволство повторно да создадеме нешто посебно за неа“.
За модниот бренд кој постои веќе 5 години и за тоа какви креации создава, младата дизајнерка ни откри:
„Моите дизајни се синоним за ексклузивност, беспрекорна елеганција и врвен квалитет. Специјалност ми се луксузната вечерна мода и создавам уникатни и безвременски парчиња за жени кои сакаат да се издвојат.
Работам интернационално и имам клиенти од најпрестижните модни пазари, вклучувајќи ги Обединетите Арапски Емирати, Саудиска Арабија, Кувајт, Велика Британија и САД.
Моите креации не се масовно достапни - тие се внимателно изработени за жени кои знаат да ја ценат ексклузивноста и високата мода.
Досега имам соработувано со бројни познати личности и инфлуенсери ширум светот, што уште повеќе ја потврдува препознатливоста и луксузниот карактер на брендот.
Неодамна ја претставив мојата најнова колекција на модната недела во Париз, што претставуваше голем успех и уште една потврда за меѓународниот углед на брендот“.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





