Тино танцуваше како Трамп, Јапонецот Котецу „растури“ на сцена - Како си поминав на Златна Бубамара ’25?
- Детали
- четврток, 20 февруари 2025
Тино се појави без Атанас, Сашко Коцев се пожали дека е болен и кашлаше додека ја водеше манифестацијата, за Сузана Спасовска и Калиопи стоечки овации. Како си поминав на „Златна Бубамара 2025“ и што ми се допадна, а што не?
Вчеравечер (19.02) во арената „Борис Трајковски“ се одржа 28-ото издание на „Златна Бубамара на популарноста“.
Повеќе од четири часа музика, многу танц и хумор за публиката која уживаше и на моменти се смееше на цел глас.
Ранко Петровиќ, неговата академија и сценаристите на „Бубамара“ и годинава доловија дел од реалноста во која живееме и ја прикажаа на сатиричен, смешен, на моменти тажен, но сепак реален начин.
И останаа доследни на сè она што значи - „Бубамара“.
Во фокусот, како и многупати претходно, беше политичката ситуација во земјава, промената на власта, опозицијата, загадувањето и вештачката интелигенција.
Но, да почнам од почеток - што ми се допадна, а што не на „Златна Бубамара '25“?
„Бубамара“ скоро никогаш не трае помалку од 4 часа - се бара билет повеќе, се „бркаат врски“ за гратиси...
Но, и во целата таа гужва во арената „Борис Трајковски“, помеѓу убаво дотераните гости имаше совршен ред и стотина волонтери кои им помогнаа да дојдат до своето место за седење, без да талкаат низ салата.
Манифестацијата, на која присуствуваа многу јавни личности, започна со настапот на хорот „Златно славејче“, децата со посебни потреби, Мијата и Космонаутко.
Веднаш по нив на сцената излегоа легендарната Зорица Поп Панкова и младата Ана Петановска, и во дует ја испеаја песната „Диско пар“, големиот хит на Поп Панкова од 1980-тите години.
Традиционално, вечерта ја отвори Ранко Петровиќ, сопственикот на радиото и човекот од кого потекна идејата за оваа манифестација.
„Многу сме горди, што секоја година убави уметници се собираат пред оваа прекрасна публика.
Годинава одиме со слоганот „Вештачка интелигенција за владата, природна забава за народот“, а ќе имаме гости од Јапонија, Америка, Сараево“, кажа тој.
Ранко откри и дека по 31 година од основањето на радиото, „Бубамара“ наскоро ќе почне да се слуша во Прилеп и Штип, а в година и низ цела Македонија.
Потоа, го најави кумановскиот актер и комичар Жарко Јовановиќ, познат по тоа што ги имитира нашите политичари.
„Лани не ми се допадна, ама решив да му дадам нова шанса“, рече Ранко, пред да му го предаде микрофонот.
Во бројните имитации, Жарко не го изостави експремиерот Никола Груевски, па кажа дека „во негово време секоја фамилија имала по една лопата“, се пожали дека му недостига Заев и неговиот англиски јазик, откри дека му е невозможно да го имитира премиерот Мицковски, но затоа одлично се снајде во улогата на претседателката Гордана Силјановска - Давкова.
Ранко ја додели и првата награда вечерта, на Битолскиот камерен оркестар, а тие, освен статуетка, добија и куферче полно ситни пари.
На сцената по него се појави Сашо Гигов - Гиш, кој ѝ додели награда на Ана Петановска за перспективна пејачка, па во дует ја испеаја „Моја гитара“, додека публиката уживаше во нивната емоција и моќните гласови.
Ова беше првиот од многуте емотивни моменти кои вчеравечер се случија на сцената на „Бубамара“.
Актерот Игор Ангелов, или Коста од „Преспав“ ги повика актерите од Театарот за деца и младинци за да им додели награда за претставата „Роња - ќерката на ограбувачот“.
А тие, откако се заблагодарија, се растрчаа на големата сцена, велејќи дека сцената во нивниот театар е претесна за трчање.