Тино танцуваше како Трамп, Јапонецот Котецу „растури“ на сцена - Како си поминав на Златна Бубамара ’25?
Годинава се доделија и неколку награди за животно дело, а првата од тој тип ја доби доајенот на народната музика, Перо Христов, кој дојде специјално од Америка.
„Почнав во ’70-те со најголемите југословенски ѕвезди, 15 години пеев забавно, но потоа се вратив на убавата македонска песна... И ќе ви пеам сè додека можам“ - кажа тој.
Вечерта продолжи со нова доза хумор - овој пат Тино (без Атанас) ја насмеа публиката од срце.
Тој го имитираше танцот на Трамп на сцената, а се осврна и на нашата политичка ситуација.
Тино ја покани на сцената Вера Мештеровиќ, ама не криеше дека е разочаран зашто таа е една глава повисока од него.
Не беше среќен ни кога на сцената излезе Дарио за да ја земе наградата за трајни музички вредности.
„Еј, ми рече ‘Здраво дечко’ - не знае ни како се викам" - се пожали Тино.
Дарио, пак, по кусиот говор, ѝ се поклони на публиката, а потоа запеа придружуван од својот бенд „Миг 21“ - ги пееше „Дај да заспијам“, „Дупла водка“ и „Косоока".
За следниот блок хумор беше задолжен Сашко Коцев.
„Болен сум како цел град. Сега имам инфлуенца Б - звучи фенси. Ама неспособен сум, не можев А да фатам“, се пошегува и на моменти додека зборуваше се закашлуваше.
И неговите шеги беа поврзани со политиката и коментарот дека „му фали скандал“, преку сознанието дека „Ферари да е добро ќе се вози и во Скопје“, а имаше и по нешто за загадениот воздух, манијата за купување преку TEMU, докторите во Македонија...
Коцев на сцената ги повика К-15 за да им додели награда за 30 успешни години кариера.
„Дечките носат име на нешто што се зима у декември, а после на газдата му ги враќаш у кеш“ - кажа тој.
Васко Тодоров или Тошо Малерот, откако ја прими својата награда, му додели статуетка на сликарот Мирослав Масин, кој, пак - запали цигара на сцената.